Извор: AP
Посетата на Владимир Путин на Италија на 10 јуни беше полна со настани. Заедно со италијанскиот премиер Матео Ренци тој учествуваше во отворањето на денот на Русија на изложбата ЕКСПО-2015 во Милано, имаше разговори со шефот на италијанскиот кабинет, се сретна со претседателот на земјата Серџо Матарела и со папата Франциско. Вечерта, на аеродромот тој имаше получасовна средба со поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони, кој, како што е познато, има пријателски односи со Путин.
Претходно рускиот претседател беше во посета на Милано во октомври минатата година. Тогаш тој зеде учество на средбата за Украина во таканаречениот „нормандиски формат“. Ситуацијата во Украина се разгледуваше и сега. На прес-конференција по разговорите, Путин и Ренци го потврдија својот курс за решавање на украинската криза – само по пат на исполнување на минските спогодби од 12 февруари годинава.
Треба да се бара излез
Средбата на Владимир Путин со премиерот на Италија не е прва. Тие се сретнаа одамна, за време на мартовската посета на Ренци на Москва. Италијанскиот премиер беше првиот западен политичар кој допатува во официјална посета на Русија по започнувањето на украинската криза. Како што велат медиумите, тогаш овој чекор предизвика критика од страна на Вашингтон.
Во март двајцата лидери изјавија дека имаат намера да ја развиваат соработката помеѓу Русија и Италија, без оглед на санкциите против Русија. Ренци и Путин и овој пат дискутираа за санкциите. Сепак, според Путин, „не на полето на симнување, ниту намалување“, туку за тоа „како овие санкции пречат во развојот на нашите односи“. Тој, исто така, потсети на неколку руско-италијански проекти што се замрзнати поради санкциите и изјави дека без оглед на тоа што во санкциите има и позитивни работи кога станува збор на замената на увозот во РФ, во целост тие нанесуваат штета. „Треба да се бара излез“, резимираше рускиот лидер.
Според претседателот на Институтот за стратешки оценки Александар Коновалов, главна задача на Путин е да се измени ситуацијата со санкциите. „Според мене тој на сите можни начини се обидува да ги пробие санкциите, зашто тоа многу ја отежнува ситуацијата во Русија“, вели експертот во интервју за „Руска реч на македонски“. Со ваквата оценка се согласува и професорот на Вишата школа за економија Максим Братерски. Тој претпоставува дека посетата на Путин на Италија е направена за да се помогне во решавањето на две задачи: да се избалансира дијалогот со Европската Унија и да се поттурнат економските проекти што не влегуваат во санкциите. Како што изјави експертот за „Руска реч на македонски“, Москва сака да ги поддржи гласовите во ЕУ кои ќе се придржуваат на помека позиција во однос на РФ.
Според Братерски, има смисла во тоа Русија да продолжи со овие чекори. Згора на тоа, во краен случај, ќе се дојде до некаков плод. Според информациската агенција РИА Новости, по средбата со Путин, поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони изјавил дека пратениците од неговата партија „Напред, Италија“ ќе предложи нацрт-резолуција, со која ќе се повикаат властите да се откажат од санкциите на политичарите во однос на Русија.
Да се учи папата
Коновалов смета дека за Путин беше мошне важна средбата со папата. „Авторитетот на папата во светот е многу висок. Папата Франциско е мошне популарен деец. Ова ќе му биде запишано (на Путин) како плус“, смета аналитичарот. Коновалов претпоставува дека средбата на папата со Путин претставува „признание за неопходноста да се разговара со Русија и да се зема предвид нејзиното мислење и мислењето на лидерот“ што, како што подвлекува аналитичарот, е особено актуелно на фонот на санкциите и на обидот за меѓународна изолација на РФ.
Средбата со папата Франциско траеше двојно повеќе од предвиденото – околу еден час. Според порт-паролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, Путин и папата Франциско дискутирале за ситуацијата во Украина, како и за состојбата со христијаните на Блискиот Исток. Зборувајќи за средбата на претседателот на РФ со поглаварот на католичката црква, Песков исто така ја коментираше изјавата на амбасадорот на САД во Ватикан Кенет Хекет. Според информации на весникот Гардијан, тој го советувал папата на средбата со Путин да го покрене прашањето на територијалната целовитост на Украина. Песков има замерка за тоа дека не треба „да се учи папата“ и го нарече тоа „ново слово до дипломатската практика“, а исто така и „обид за притисок врз суверенитетот на другите земји“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче