Извор: AP
На 17 и на 18 мај во дводневна посета на руската престолнина престојуваше заменикот на државниот секретар на САД Викторија Нуланд. Таа допатува по втор пат во текот на неколку дена – најпрво таа беше во Сочи со својот шеф Џон Кери, потоа замина во Украина, па повторно дојде во Москва со цел да разговара со своите колеги од руското МНР Григориј Красни и Сергеј Рјабков.
Војната мора да остане студена
Изливот на дипломатски активности им даде повод на некои руски политиколози да ја изразат својата надеж за измена на приодот на САД во однос на Русија. „На почетокот на мај околу државниот секретар Кери беше создадена група од авторитетни претставници на Демократската партија, кои се за тоа Америка во поголема мера да ги земе предвид стремежите на многу европски земји поврзани со тоа да не се заоструваат понатаму односите со Русија. Сета ова доведе до посета на Кери на Сочи“, објаснува за „Руска реч на македонски“ професорот на Московскиот државен институт за меѓународни односи, вишиот експерт на Валадискиот клуб Олег Барабанов.
„Истовремено, Кери избра нова стратегија за САД која се заснова на тоа да не се игнорира Минскиот процес, туку да се вклучи во него за да се преземе иницијатива и да се стави крај на украинската криза“, смета експертот.
Заменик-директорот на Центарот за комплексни и европски истражувања на Вишата школа за економија Дмитриј Суслов има поинакво мислење. „Не станува збор за никаков напредок, за затоплување на односите или за отстапки од страна на Вашингтон. САД само се обидуваат да преземат мерки со цел да не се дозволи понатамошна ескалација на ситуацијата во Украина и влошување на руско-американските односи во време на предизборна кампања“, смета експертот. „Прагматичарите во администрацијата на Обама не се заинтересирани за ескалација, со оглед на тоа дека Белата куќа воено ќе ја поддржи Украина, така што мошне бргу можеме да дојдеме до перспективата на судир помеѓу Русија и НАТО“, смета тој.
На Киев ќе му се намали просторот за маневрирање
Меѓутоа главен повод за несогласување останува Украина. Основна тема на преговорите меѓу Нуланд и руските дипломати беа минските спогодби, во кои се опишани параметрите на процесот за регулирање на кризата во Украина. Руско-америкнските преговори кои се одржаа во Москва, всушност покажаа дека страните на различен начин си претставуваат како треба да изгледа децентрализацијата и уставната реформа на Украина.
Во руската експертска заедница не постои усогласено мислење во врска со тоа дали за Русија е полесно директното вклучување на САД во Минскиот процес. „Нуланд не е најзгодниот и најпријатниот преговарач за Русија, и таа ќе направи сè што треба за да не дозволи решавање на кризата под условите на Москва“, вели Дмитриј Суслов.
Не станува збор за никаков напредок, за затоплување на односите или за отстапки од страна на Вашингтон. САД само се обидуваат да преземат мерки со цел да не се дозволи понатамошна ескалација на ситуацијата во Украина и влошување на руско-американските односи во време на предизборна кампања.
Дмитриј Суслов
Виша школа за економија
„За Русија сега, очигледно е дека влегувањето на Американците во минскиот формат е непожелно, со оглед на тоа дека клучната цел е обновување дијалог имено со Германија“, смета Олег Барабанов.
Впрочем, според мислењето на Дмитриј Суслов, во активацијата на американската дипломатија постојат и позитивни моменти: „До неодамна САД ја претставуваа гледната точка на Киев. Сега Вашингтон може да стане играч кој е заинтересиран не за воена ескалација, туку за политичко решавање. Да, нивното сфаќање за решавање се разликува од руското, сепак барем не станува збор за решавање на прашањето на Донбас по воен пат“.
Вклучувањето на САД е мошне важно за Русија зашто тоа на Украинците им го намалува просторот за маневрирање. „Киев ги слуша само оние што му кажуваат убави работи. Затоа украинските власти секогаш си бараат партнер што им е најзгоден. А, кога сите партнери кажуваат иста работа, тоа станува мошне силен аргумент“, вели за „Руска реч на македонски“ управувачкиот партнер на аналитичката агенција „Надворешна политика“ Андреј Сушенцов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче