Извор: Ројтерс
Тука меѓународната заедница би можела да се потпре на искуството на Дејтонскиот мировен договор од 1995 година. Применливоста на дејтонскиот (босански) модел за Украина е доволно очигледна.
Како прво, дејтонскиот модел, за разлика од моделите за решавање на други конфликти, во себе содржи ефикасни средства за „разделување на страните“ и за оперативна реализација на новите уставни основи на државното устројство. Со други зборови разграничувањето на Босна и Херцеговина беше „поставено“ врз нејзината уставна реконфигурација. Во согласност со Дејтонскиот мировен договор, Босна и Херцеговина беше разделена на два рамноправни државни дела – Република Српска и муслиманско-хрватска Федерација Босна и Херцеговина – со свои претседатели, парламенти и влади. А, како „надградба“ над нив беше создаден колективен Президиум, во кој влегуваат по еден претставник на муслиманите, на Србите и на Хрватите, а чии одлуки се донесуваат со консензус.
Ваквата особеност на дејтонскиот преговарачки процес своевремено беше јасно формулиран од тогашниот заменик-министер за надворешни работи на Русија Игор Иванов: „Значи, главниот успех е: за првпат по пат на директен дијалог се успеа да се согласат сите страни на конфликтот. За првпат се успеа од нив да се добие прифаќање не на фрагментни решенија, туку на цел пакет спогодби“.
„Дејтонската“ Босна и Херцеговина има малку заеднички работи со истоимената република што беше во состав на Југославија, како и со која било друга европска држава. Имено, тоа го прави дадениот модел адаптибилен на локалните услови, истовремено создавајќи можност за негова професионална трансформација или кон поголема унификација на државата, или во правец на нејзино мирно разделување. А, правата без преседан на Високиот претставник на меѓународната заедница, кој поседува извонредни („бонски“) ингеренции и на Советот за исполнување на мировната спогодба со учество на држави-гаранти во целост овозможуваат ситуацијата да се држи под контрола, создавајќи гаранции од едностраното преиспитување на првичните принципи за доброто на интересите на едни или на други внатрешни и надворешни сили.
Како второ, дејтонскиот модел предвидува разместување на значителни меѓународни миротворни контингенти (неколку десетици илјади луѓе во рамките на IFOR на почетокот, а потоа силите на SFOR) не само на линијата на разграничување на страните, туку и на целата територија на државата. Ова овозможува оперативно да се решаваат сите прашања поврзани со намерите на една или на друга страна за прегрупирање на воените сили и за отворање нови фронтови. Имено во Босна и Херцеговина, а не во Косово, каде се распореди НАТО, се успеа да се создаде „неблокова“ меѓународна команда на миротворните сили. Слично искуство е сега потребно во Украина, барем поради тоа што бројот на „заинтересирани“ страни во овој случај е уште поголем, одошто на Балканот во деведесеттите години од минатиот век.
Како трето, дејтонскиот модел со себе донесе прав на определени државотворни субјекти да стапуваат во „посебни односи“ со соседните („истоплеменски“) држави, што претставуваат преседан за едно државно устројство. Терминот „конфедерациски односи“ во текстот на дејтонските документи отсуствуваше, но теоретски векторот на преобразувањето на формално единствена држава кон обединување на нејзините составни делови со земјите-соседи беше поставен. Во случајот со Босна и Херцеговина стануваше збор за Србија и за Хрватска, а во случајот со конфликтот во Украина може да се зборува за потенцијално обединување на Донбас со Русија, Закарпатската област со Унгарија, а Буковина со Романија. Слична можност, која подоцна ќе се најде во спогодбата за политичкото решавање на кризата, би можела да го пренесе болното прашање за територијалната целосност на Украина од ситуација на војна, пропаганда и декларации без содржина на меѓународно-правна насока.
Како четврто, широките и еластични рамки на дејтонскиот модел овозможуваат тој да се надгради и да се употреби во украинскиот случај. Ова, во прв ред, се однесува на поактивната употреба на механизмите за мониторинг на ОБСЕ, кои се веќе испробани, а најмногу во рамките на миротворните процеси во Закавкаската област. Тука, всушност, се отвора широка „врата на можности“ за Србија, која во моментов претседава со ОБСЕ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче