„Украинскиот“ самит на Г-20 само ја засили конфронтацијата

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Без оглед на жестоката критика и протоколарните зајадливи забелешки, претседателот Путин остана задоволен од резултатите од самитот на Г-20 во Бризбејн, Австралија. „Јас сметам дека нашата работа е завршена и е завршена со успех“, - со овие зборови тој ја заврши својата завршна прес-конференција и, без да го дочека крајот на самитот, одлета за Москва.

Иако големите дваесет се со чисто економски формат, тековната средба во Бризбејн отпрвин се гледаше како арена за силна конфронтација на Русија и Запад во украинското прашање. Домаќинот на самитот, австралискиот премиер Тони Абот, на пример, предлагаше  во целина да се исклучи Русија од редовите на учесниците на самитот. Сепак оваа идеја не помина. Таквите прашања се решаваат со консензус, а него го немаше. 

Некои држави – особено Кина – оваа идеја категорично не ја поддржуваа, други – како на пример Германија – го разгледуваа учеството на Русија како уште една можност за преговори. Затоа уште воочи самитот беше непродуктивно да се зборува за изолација на Русија. САД, Велика Британија, Канада и Австралија видоа во самитот можност да му се одржи на Путин лекција за пример. 

БРИКС ја брани Русија
Високите претставници на земјите на БРИКС ја искористија можноста и се состанаа на маргините на самитот посветен на нуклеарната безбедност во Хаг. Тие го осудија воведувањето санкции за Русија и „недобронамерната реторика“ на западните земји по повод украинската криза. Сепак, прашањето за Крим е доста чувствително и секоја земја го толкува на свој начин.

Наспроти тоа Путин го започна својот престој во Австралија со средба во рамките на БРИКС. Оваа активност стана веќе традиционална, затоа што првите луѓе на Русија, Кина, Индија, Бразил и ЈАР на тој начин ја демонстрираат заедничката позиција во големите дваесет. Во прв ред за економските прашања. Но, овој пат и за политичките. 

Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков им изјави на новинарите по средбата дека сите лидери на земјите од БРИКС ја истакнаа незаконитоста на санкциите во однос на Русија: „Сите рекоа дека санкциите се незаконски, дека го кршат Статутот на ООН и пречат на економската обнова“. Ушаков подвлече дека руската страна не ја начна темата за санкциите во текот на санкциите. Лидерите на земјите од БРИКС самите ја начнаа, „без било какво навестување од наша страна.“ 

Од своја страна Претседателот на САД Барак Обама уште еднаш им ја понуди на светските медиуми најмрачната асоцијативна низа – Ебола, Русија, ИСИЛ, а потоа одржа средба со лидерите на ЕУ која речиси во целост се однесуваше на Украина. Според мислењето на Обама, доколку Кремљ не ја смени позицијата во врска со Украина, „изолацијата, во која се наоѓа сега Русија, ќе продолжи“, пренесува агенцијата Франс Прес. 

Русија се надева на Г-20
Самитот во Бризбеjн ќе биде исто таков тензичен како и минатиот во Санкт-Петербург.

Со овој товар страните пристапија кон работа на генералните заседанија на самитот. Сепак таму темата за Украина не фигурираше. „Во официјалните дискусии во рамките на „големите дваесет“ прашањето за Украина воопшто не се начнуваше, односно дури и сосем не се споменуваше“ – им изјави на новинарите Путин. Сепак според неговите зборови, „сите билатерални средби беа посветени фактички исклучително на проблемите со Украина. Морам да кажам дека тие разговори беа многу отворени, содржајни и, на мој поглед, корисни.“ 

Клучна беше четиричасовната средба со канцеларот на Германија Ангела Меркел и со шефот на Европската Комисија на ЕУ Жан-Клод Јункер кој подоцна им се приклучи. За нејзината содржина ништо не се знае, но дека Германците се ориентирани кон преговори, а не кон изолација на Русија го потврди во етерот на АРД министерот за економија на Германија, вицеканцеларот Зигмар Габрил: „Точно е дека Ангела Меркел и /шефот на МНР/ Франк-Валтер Штајнмаер се фокусирани на дијалог, а не на конфронтација, како другите. На пример, јас ја сметам за апсолутно погрешна реакцијата /на она што се случува/ со посредство на постојана закана на оружјето од страна на НАТО близу руската граница.“ 

„Одолговлекувањето на украинската криза и режимот на санкции не се во интерес на Европејците, затоа што тоа само ја влошува нивната економска ситуација“, - смета претседателот на Центарот за стратешки комуникации Дмитриј Абзалов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.