Пензионер од Петербург стаса пеш до Рио

Автостопер

Автостопер

Vostock-Photo
Тој пешачеше 496 дена, но сепак задоцни за отворањето.

На 1 април 2015 година регионалната телевизија "100ТВ" соопшти: од централниот плоштад на Санкт Петербург своето пешачко патување околу светот го започна 58-годишниот Сергеј Лукјанов. Колку и да звучеше како првоаприлска шега, точно во 12:00 Сергеј навистина тргна на пат. А, на 7 август 2016 година тој стаса до Рио де Женеиро. Но, задоцни на отворањето на Олимпијадата за два дена.

Преку Кина во Бразил

Овој пешачки подвиг не е случајност за Сергеј. Целиот негов живот се врти околу одењето. Поранешниот градител на метроа станува мајстор на спортот уште во советско време и со секоја година одделува на хобито сè повеќе време. Тој успева целосно да се посвети на своето хоби откако се пензионирал: во 2013 година изодува 2.500 километри во Европа, во 2014 - 3000 километри. И ете, во 2015 година Лукјанов го започнува своето патување околу светот.

По 496 дена Сергеј влегува во Рио де Женеиро. Зад него остануваат Русија, Кина, Виетнам, Лаос, Индонезија, Тајланд, Малезија. Принудно го преминува океанот со авион - сепак не може да оди по вода. Рио е само одмор, наскоро пешакот ќе продолжи со своите странствувања. Сергеј планира да се врати преку цела Европа.

„Пензионерот стаса до Рио ... и го дисквалификува за допинг“, веќе се шегуваат на Интернет. Се разбира, Сергеј не учествува во Олимписките игри, но има договорена средба со руските спортисти. „Му напишав на Путин: еве доаѓа вистински руски маж, нас не нè пуштија во Рио низ вратата, но ние низ прозорецот се провлекуваме“, се фали Михаил, пријател на Сергеј и координатор на сите негови патувања.

Никаде без Кока-кола

За време на својот поход Лукјанов личи на талкач: патува речиси без багаж, ноќева во вреќа за спиење. Но, и трошоците му се минимални. Сергеј го обиколи половина свет со средствата од пензијата и од изнајмениот стан. Од храна - бел леб, сушено месо, Кока-кола. Генерално основните трошоци на патникот во странство се за Кока-кола, за Сергеј присуството на енергетски пијалак е прашање на живот и смрт.

Сергеј не носи многу забава со себе: плеер со песните на Владимир Висоцки и на Ласкови мај (постар советски поп), во смартфонот има симнато авантуристички романи. „Сергеј смета дека ако на човек му е здодевно на патот, тоа е знак на незадоволство“, раскажува Михаил за ставовите на големиот пешак.

Самиот Лукјанов, пак, личи малку на „благороден дивјак“ од класичните авантуристички романи: за него природата е помала опасност отколку човекот. Еднаш назима спиел со глутница кучиња, бидејќи така е потопло. Друг пат за малку да се ќе влезел во мечкино дувло, а во Малезија згазнал крокодил по шепата, но неговите нозе уште се на место. Од животните Лукјанов не ги поднесува единствено мравките и пајаците, со нив во џунглата е уште потешко. Независно од должината на премините и опасноста од преоптоварување, патникот со себе ги носи празните лименки од Кока-кола по неколку дена, додека не стигне до канта. Така тој се грижи за екологијата.

Впечатоци од Јужна Америка

Уште со доаѓањето во Јужна Америка, на Лукјанов му го украле смартфонот. Првите денови тој дури се плашел да си легне: сите наоколу му личеле на крадци. „Треба да си најдеш некое посветло место и да спиеш таму каде што нема да те следат бандити“, раскажува Михаил.

За пешакот овој пат околу светот претставува врв на својата самореализација, кон него тој се стреми целиот живот. „Малкумина се занимаваат со балет, со скок во висина - исто, но одат практично сите жители на Земјата. Излегува дека Лукјанов е најдобар од целото човештво!“, со гордост вели Михаил. И потоа додава: „Едно е некој како Фјодор Коњухов, на него парите не можеш да му ги доброиш, а ова е сосема обичен човек!“

На Сергеј му претстојат уште 13.700 километри, но тешко дека тоа ќе му биде последното патување. Михаил резимира: „Ако го сретнете Сергеј на патот, ќе сфатите дека тој така живее и дека талка илјадници милји - за него тоа е нормална состојба“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња