Москва и Вашингтон ја прошируваат соработката во борбата со ИСИЛ

Извор: Едуард Песов/МНР на Русија

Извор: Едуард Песов/МНР на Русија

Шефовите на дипломатиите на Русија и САД во текот на тричасовните разговори во Париз се договорија да ја прошират соработката во борбата против борците на Исламската држава, а исто така постигнаа консензус за начините за полесно решавање на политичката криза во Украина. Според зборовите на руските експерти, промената на политиката на санкции ќе доведе до зголемено учество на Москва во борбата против терористите.

Шефот на МНР РФ Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Џон Кери во вторникот имаа разговори во Париз, за време на кои шефовите на дипломатиите се договорија да ја прошират соработката на земјите во борбата против терористите на Блискиот Исток.  

Ние, се разбира, ќе ги преживееме овие санкции. Јас немам никакво сомневање дека по некое време овие санкции ќе ги снема, едноставно нема да ги има, но во тоа, дека им нанесоа штета на нашите односи, нема никаков сомнеж. 

Дмитриј Медведев

премиер на РФ

По разговорите, шефот на руското Министерство за надворешни работи призна дека средбата со неговиот американски колега се покажа корисна и покрај неподготвеноста на американската страна да ги укине санкциите што ги воведе против Руската Федерација. По завршувањето на разговорот генералниот тон на заедничката изјава беше воздржано конструктивен: за Русија и САД е неопходно да го намалат антагонизмот, но треба да се концентрираат на заеднички напори таму, каде што позициите на Москва и Вашингтон се совпаѓаат.  

Борбата против тероризмот на Блискиот Исток 

Москва и Вашингтон се договорија да ја зајакнат размената на разузнавачки информации како противтежа на терористите од радикалната групација "Исламска држава", која окупираше дел од териториите на Ирак и Сирија. Притоа Џон Кери, повикувајќи се на Сергеј Лавров изјави дека во редовите на "Исламска држава" војуваат околу 500 руски државјани. 

„Во низа случаи ние можеме поуспешно  да соработуваме за да ја зголемиме ефикасноста на напорите на целата меѓународна заедница, рече Сергеј Лавров . - Ова се однесува, пред сè, на борбата против тероризмот, кој сега станува главна закана за голем дел од Блискиот Исток, како и на борбата против Еболата.“ 

По што е опасна „Исламската држава“ за Русија
Москва се залага против сегашните опции за влез на странска војска во Сирија за борба со терористите од ИД. Но, ова не значи дека Русија не ја чувствува заканата што доаѓа од оваа групација.

Според независниот воен експерт Дмитриј Литовкин, ваков формат на соработка Русија и САД имаа од почетокот на операцијата на НАТО во Авганистан во 2001 година. „Разузнавачките агенции на двете земји имаа целосна соработка во борбата против Талибанците во 2001 година и во случајот со ИСИЛ ќе се случува нешто слично. Русија имаше разузнавачки центар во Сирија кој вршеше радио-електронско пресретнување на пораките на терористичките организации во регионот и сега веќе Русија и САД ќе почнат да вршат меѓусебна размена на податоци за позициите на борците“, изјави аналитичарот за “Руска реч на македонски“. 

Како што забележа експертот, од 2001 година многу нешта се сменија во односите меѓу Москва и Вашингтон, меѓутоа за да се очекува подлабока соработка, дури и во борбата со заедничката закана, засега е рано. „Укинувањето на санкциите ќе ја зголеми помошта од Русија и нејзиното разузнавање во борбата против ИСИЛ“, смета Литовкин. 

Позициите во однос на Украина 

Пред состанокот на Лавров и Кери во некои руски медиуми беше објавена информацијата дека целта на државниот секретар на САД на разговорите во Париз ќе биде обидот да се убеди Москва да изврши притисок врз припадниците на цивилната заштита на југоистокот на Украина, со цел сепаратистите да им предадат на властите на Киев некои гранични премини и да го убеди сирискиот лидер Башар ал Асад да поднесе оставка. 

„Некакви гласни изјави по средбата немаше. Сметам дека во престанатото време администрацијата на Обама тешко дека ќе успее да го промени воспоставениот тек на нештата и перцепцијата на својата надворешна политика во американското општество. Сликата што се создаде не е сосема поволна за претседателот: во очите на естаблишментот тој изгледа недоволно цврст во односите со Москва“, коментираше за  “Руска реч на македонски“ претседателот на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика Фјодор Лукјанов. 

Без доверба нема соработка
Западните земји ја повикуваат Русија да земе учество во меѓународната кампања за борба со терористичката група „Исламска држава“. Москва засега не е подготвена да го прифати предлогот – нејзе не ѝ одговараат условите и рамките на заедничката операција со Соединетите Американски Држави.

Според мислењето на аналитичарот, основна цел на разговорите стана „поддршката на заемните контакти и дијалогот за решавање на суштинските проблеми на светската политика“. 

"Најлошото нешто е сега да се изгуби контакт-линијата, затоа што во овој контекст расте веројатноста да се изгубат врската на дејствата и интересите на секоја од страните во решавањето на прашањата за меѓународната безбедност. Некакви сериозни договори меѓу САД и Русија засега нема и нема да има“- смета Лукјанов. 

Санкциите

Позицијата на Москва за обнова на соработката со Вашингтон  исто така ја објави премиерот на РФ Дмитриј Медведев во интервјуто за американската ТВ-компанија CNBC. Според него, санкциите во однос на РФ им нанесоа големи загуби на Русија и САД, а во оваа фаза не може, па дури е и невозможно да се зборува за рестартирање на односите без нивно укинување . 

„Не, се разбира. Апсолутно е невозможно. Ајде да зборуваме директно, ние не ги измисливме овие санкции, нив ги измислија нашите партнери во меѓународната заедница. Како што велат кај нас, Господ ќе им суди“, изјави Медведев. 

„Ние, се разбира, ќе ги преживееме овие санкции. Јас немам никакво сомневање дека по некое време овие санкции ќе ги снема, едноставно нема да ги има, но во тоа, дека им нанесоа штета на нашите односи, нема никаков сомнеж“, смета тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.