Трагедијата во Беслан: 10 години подоцна

Извор: AP

Извор: AP

Гратчето Беслан во Северна Осетија на југот на Русија на 1 септември 2004 година стана познат низ целиот свет поради едно од најбруталните и најциничните злосторства во историјата на човештвото. Група терористи ја зазеде училишната зграда за време на приредбата посветена на првиот училиштен ден. Страшниот терористички напад однесе 333 животи и засекогаш го измени животот на сите жители на Беслан. Каде се денес учесниците од оваа трагедија и што се случува со нив по 10 години?

Школската година во Беслан, град во Северна Осетија, повеќе не започнува на 1 септември. Сега децата тргнуваат на училиште дури на 5 септември. Една личност, сепак, секоја година заминува на училиште рано наутро секој први септември. На овој ден Рита Сидакова врзува црна марама и полека оди по познатата патека, по која некогаш итала на часови нејзината ќерка. Оди право во школската фискултурна сала, која е разурната од експлозии и од пожар. Понекогаш таа стои таму сè до следното утро, а понекогаш дочекува и две утра. Без храна и без вода. Исто како и нејзината деветгодишна ќерка, која тука на нишанот на автоматот ги помина последните часови од својот живот.

Три дена и три ноќи без вода

Ала (Алочка) Дудиева, ќерка на Рита Сидакова, загина пред 10 години во училиштето во Беслан. Фотографија од лична архива

„Алочка беше моето единствено, долгоочекувано дете. Сама ја воспитував. Тоа утро ја испратив на училиште, а јас заминав на работа. Се сеќавам дека седев во својот кабинет и одеднаш се стресов. Погледнав на часовникот, беше 9.15. Како што излезе, токму во тоа време во училишниот двор се случило првото пукање. Десет минути подоцна заѕвони телефонот: 'Зошто седиш тука? Терористи го зазеле училиштето!'“, раскажува Рита Сидакова. 

Времето минуваше бескрајно бавно. На крајот, на 3 септември, по две експлозии, започна стихијна акција за ослободување на заложниците. На некои им успеа да се извлечат живи, но многумина останаа внатре. 

Алочка е погребана во „Градот на ангелите“ – така се нарекува делот од гробиштата во Беслан каде почиваат жртвите на ужасниот терористички напад. 


„Градот на ангелите„ во Беслан. Фотографија од лична архива. 

„Многу сум ви благодарна што имате разбирање за нашата несреќа. Добрината и сочувството на луѓето од целиот свет ни дава сила и ни ја ублажува болката. Вие ни помагате да бидеме посилни“, вели нашата соговорничка.

Се молевме и имавме верба

Тие септемвриски денови им останале во сеќавање на сите оние што ја преживеале оваа ужасна трагедија. Некогашните заложници доаѓаат на местото од кое успеале да се извлечат живи, за да им оддадат почит на оние кои не успеале тоа да го сторат. Меѓу нив е и 25-годишната Мадина Токаева. Имала 15 години кога беше извршен терористичкиот напад. 

Мадина Токарева со синот Георги. Фотографија од лична архива

„Состојбата беше ужасна. Заложниците седа на подот од фискултурната сала, а секаде наоколу терористите затегаа некакви жици. Ни велеа дека набргу сите ќе умреме. Беше толку тесно што не можевме дури ни да ги испружиме нозете. Но, и во таква состојба некако успевавме да заспиеме“. 

Мадина од експлозијата се здобила со многу повреди. Најлоша била онаа на главата. Тогаш оние што биле најтешко рането биле испраќани во федералните центри. Мадина со уште единаесет повредени деца со воен авион била превезена во Ростов во детската болница. Таму ѝ била направена операција на големиот мозок, од кој бил изваден гелер. Биле вложени големи напори девојчето повторно да се крене на нозе. По Ростов следела рехабилитација во странство. 

„Сега веќе сум мажена. Моето синче има четири месеци. Животот тече понатаму, без оглед на сè“, вели Мадина.

Сакам да спасувам луѓе

Алан Кулов има речиси 22 години. Студент е на петта година на медицинската академија. Во последните десет години тој живее и за себе и за својот помлад брат Олег, кој засекогаш останал 8-годишник. 

Дупките на Беслан – 10 години подоцна
Запурнината во Беслан настапува како опомена. Септември 2004. Први. И првиот ден на училиште. Повеќе од илјада луѓе се собрани за да ги испратат своите деца на почетокот на една нова етапа во нивниот живот. Маскирани терористи, тешко вооружени со автоматски оружја, противтенковски рачни ракетни фрлачи и експлозиви, ги напаѓаат од заседа и ги земаат како заложници во Средното училиште број 1. Три мачни долги денови децата, учителите и родителите се заробеници во школската сала. Потоа следуваат експлозии и престрелка. Она што требаше да биде прослава на животот заврши со повеќе од 300 мртви.

Алан на 3 септември 2004 година, благодарение на чудо останал жив по здобиените повреди. Еден метален гелер го погодил во главата, а друг му останал во грбот, во пределот на ‘рбетот. Првата година многу време поминувал во болница и му бил востановен инвалидитет, но сега оваа дијагноза е веќе укината благодарение на помошта од лекарите и на упорноста на самото момче. 

„Она што се случи, секако, остави трага. Кога дојде време да се бира идната професија, мојот син рече: 'Сакам да спасувам луѓе!' Најпрво мечтаеше за специјалните единици, но здравствената состојба не му го дозволуваше тоа, така што се реши за медицина. Сега тој е иден стоматолог и мој главен помошник“, вели Жана Кулова, мајката на Алан.

Висока цена

Жените што ги изгубиле своите деца се здружиле во комитетот „Мајките на Беслан“. Рита Сидакова токму во општествената ангажираност ја нашла понатамошната смисла на својот живот. Оттогаш таа живее сама. Дури не ни помислила да роди уште едно дете, како што направиле многу други мајки. 

„Една од нашите главни задачи е давање специјална помош на сите оние кои се погодени од трагедијата, како и нивна рехабилитација, а исто така и овековечување на сеќавањата за загинатите. Освен тоа, ние сè уште имаме голема желба да бидат казнети оние поради чија вина дојде до терористичкиот напад, оние што дозволија терористите да продрат во Беслан и во училиштето. И самиот начин на кој е извршена акцијата за ослободување, исто така отвора многу прашања“, вели Рита Сидакова. 

Секоја година на 1 септември во 9.15 во Беслан полетуваат балони во воздухот. Токму во тоа време во школскиот двор одекнале првите татнежи и преплашените ученици во истиот момент ги пуштиле од рака балоните, а тие, пак, полетале во воздух. Во „Градот на ангелите“ секој 3 септември со монотониот звук на метрономот одекнуваат 333 имиња. И исто толку бели балони повторно одлетуваат кон небото, како да се детски души.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња