Како да се запишете на руски факултет

Советскиот сојуз заземаше трето место во светот според уделот на странски студенти. Извор: ИТАР-ТАСС

Советскиот сојуз заземаше трето место во светот според уделот на странски студенти. Извор: ИТАР-ТАСС

Бројот на местата финансирани од државата за странци оваа година порасна за еден и пол пат. Сега во Русија доаѓаат да студираат главно странци од земјите од ЗНД и од Азија. За да се запише на факултет, идните студенти мораат да ги положат истите испити како и Русите, плус дополнителен испит по руски јазик.

Бројот на буџетните места расте 

Бројот на местата финансирани од државата за странци во Русија оваа година порасна за еден и пол пат: од 10 на 15 илјади. Ова го изјави Венјамин Каганов, заменик-министер во министерството за образование и наука на Руската Федерација. Според него, во Русија студираат околу 125 илјади странски студенти. Квотата за странските студенти последен пат се покачи во 2008 година – од 7 на 10 илјади места. 

Патриција дос Сантос. Фотографија од лични архиви.

Патриција дос Сантос дошла да студира во Русија од Бразил. „Решив да студирам во Москва, зашто во Бразил е тешко да се запишеш на факултет. А, во Русија секоја година даваат по неколку места за Бразилци. Решив да ја искористам таа можност и се запишав на факултет. Сега студирам на Рускиот универзитет на дружбата на народите (РУДН). Кога ќе завршам, сакам да се вратам во Бразил. Таму ќе најдам работа и ќе продолжам да живеам. Во Бразил се цени руското образование, но за да започнам да работам во Бразил, ќе морам повторно да полагам испит и да ја нострифицирам дипломата“. 

Според законот странците на руските универзитети ги имаат истите права како и Русите. За нив се предвидени стипендии и студентски дом. Ако идните студенти од странство не го познаваат доволно рускиот јазик, за нив се организира и подготвителна настава, каде освен руски како странски јазик, ги учат и оние предмети што ќе им бидат потребни за понатамошното студирање.

Откако ќе го завршат средното училиште, кандидатите најпрво полагаат испити во својата татковина. Овие испити ги организираат локалните образовни органи и претставниците на руските амбасади. Потоа се избира еден од шест универзитети: еден во секој федерален округ од државата. Може да се студира што било, но Русија традиционално ги привлекува странците кои сакаат да студираат на природни науки: физика, хемија, биологија и математика. Веројатноста дека странецот ќе се запише на избраниот факултет е голема, но не е стопроцентна. Министерството за образование на Руската Федерација и Россотрудничество ја носат конечната одлука. 

Според податоците од Министерството за образование и Россотрудничество за 2010 и 2011 година 39, 1% од странските студенти што студираат во Русија доаѓаат од земјите на ЗНД, 35,7% од Азија, 13,2% од Африка и од Блискиот Исток, 4,4% од Западна Европа, 2,1% од Источноевропските и од балканските држави, 1,9% од Северна Америка и Океанија, 1,4% од Латинска Америка, 1,3% од балтичките држави и 0,8% од Северна Европа. 

Руската Федерација секоја година доделува стипендии и за македонските студенти. До минатата година за стипендија можеа да конкурираат 30 лица, а од оваа година бројот е двојно зголемен и изнесува 60.

Во согласност со Концепцијата на државната политика во областа на подготовката на националниот кадар за странски држави во руските образовни држави, целта на обуката на странските студенти во Русија е „подготовка на интелектуална елита за странските држави поради обезбедување на долгорочни политички и економски интереси на Русија во сите региони од светот“.

Според податоците на Министерството за образование и наука во изминатите години, уделот на странци меѓу студентите изнесувал 2.3%. Според плановите на министерството овој удел до 2015 година мора да се зголеми на 6%, а до 2018 година на 10%. Советскиот сојуз заземаше трето место во светот според уделот на странски студенти. Во СССР студирале 10% од сите странски студенти што студирале во странство. 

Глобална конкуренција 

Сеќавање на студентските денови
Во просториите на хотелот „Амбасадор“ во Скопје се одржа втората средба на дипломците од поранешниот СССР и од Руската Федерација. И овој пат организатор на средбата беше амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија.

Ирина Абанкина, директот на Институтот за развој на образованието на Вишата школа за економија, вели дека во современиот свет образованието е станато глобално. „Сите држави учествуваат во конкуренцијата. Во последниве години Русија стаса на седмото место според општиот удел на странски студенти. Пред Русија се САД, Велика Британија, Германија, Шпанија и други“, вели Абанкина. „Јазичната бариера е главното ограничување при изборот на државите. Западните држави се ориентираат пред сè на студентите од своите поранешни колонии. Ние со студентите од ЗНД“. 

Според Абанкина, неповолната средина ѝ пречи на Русија сериозно да се натпреварува со другите држави за странските студенти. „Студентите мораат да знаат дека доаѓаат да студираат во сигурна држава, дека мештаните им се радуваат. За жал, во Русија ситуацијата не е таква“.

Владимир Филипов, ректор на РУДН, објасни дека е најтешко да се привлечат европските студенти на целосни додипломски услови поради условите што ги нуди руската страна. „Ни доаѓаат многу студенти од ЗНД кои го знаат јазикот. Ни доаѓаат од азиските држави. Со Европејците е потешко. Не можеме да им го понудиме она ниво на живот и на социјализација кои ги имаат во својата татковина“. 

Гуљнар Краснова, професор на Руската академија за народно стопанство и државна служба при претседателот на РФ, вели дека буџетните места за странците се зголемуваат, а за Русите се намалуваат. „На Русија ѝ се исплатува да обучува странци“, истакнува Краснова. „Студентите што доаѓаат од странство носат со себе девизи и ги трошат за своите потреби, поддржувајќи ја економијата. Пресметано е дека еден странски студент за живот троши 2.5-3 пати повеќе одошто троши државата од буџетот за неговото образование“. 

За странските студенти полесно да се вклучат во економијата донесен е закон со кој се дозволува спојување на студирањето и работењето.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња