Виталиј Чуркин. Извор: Reuters
Русија завршува со своето претседателствување во Советот за безбедност на ОН. Кои се општите впечатоци, кои би сакале да ги споделите со нашите читатели?
Имаше многу работа, меѓу другото и „непланска“. Спроведовме многу повеќе заседанија одошто беше предвидено. Разгледувавме широк спектар прашања – азиски, африкански, блискоисточни. За нас, неспорно, приоритетна беше ситуацијата во Украина.
Ќе може ли да ни кажете нешто поподробно во врска со ова прашање? Што правеше руската делегација во овој правец?
Без оглед на тоа што украинската тема продолжува да се восприема од страна на членовите на Советот за безбедност многу заострено, во изминатиов месец успеавме да се придвижиме во работата на мобилизација на можностите на ОН за регулирање на внатрешно-политичката криза во Украина. Освен тоа, успеавме да го свртиме вниманието кон ситуацијата во источните региони од страна на хуманитарните агенции на ОН. Расте сфаќањето дека без итна деескалација и прекинување на воените дејствија не може да се избегне голема хуманитарна катастрофа.
Знаеме дека во јуни Русија излезе пред Советот за Безбедност со низа иницијативи во врска со ова прашање.
Ние предложивме две нацрт-резолуции кои ја обединија заедничката филозофија – да се стави крај на насилството, да се започне со реализација на Женевскиот договор од 17 април и на „патната карта“ за украинското регулирање, предложено од швајцарското претседателство во ОБСЕ, да се олеснат страдањата на населението на исток на Украина.
За жал, нашите повеќекратни обиди за усогласување на заеднички приод кон овие, би се рекло, очигледни во сегашните услови задачи постојано наоѓаа на опструкции од страна на западните колеги во Советот за безбедност, кои, се чини, зад превезот на идеолошките норми и на геополитичките игри, често едноставно или се неспособни или не сакаат да ја видат судбината на единката, без разлика дали е тоа жител на Украина, Либија, Ирак или на Југославија.
Не само за нас, туку и за многу колеги од Советот за безбедност беше загрижувачка циничната позиција што ја имаа низа делегации, а која не дозволуваше да се осуди нападот врз руската амбасада во Киев. Отсуството на реакција од страна на Советот за безбедност за ваков вид инцидент е без преседан во практиката на Советот за безбедност на ОН.
Во условите на развојот на украинските настани, Сирија, се чини, замина на втор план во мировната политика.
Ние тоа не го забележуваме: интензитетот на разгледување на сириското прашање во Советот за безбедност не опаѓа.
Симболично е, што имено во периодот на руското претседателство од Сирија дојдоа долгоочекуваните вести – целосно завршување или изнесувањето на сите компоненти на хемиско оружје од оваа територија. На тој начин успеавме да ја реализираме руската инцијатива за уништување на хемискиот арсенал во Сирија.
Ние продолживме активно да работиме во олеснувањето на страдањата на Сиријците. Сега се подготвува нацрт-резолуција, чие прифаќање би им дало можност на хуманитарните агенции на ОН да ги користат четирите контролни пункта на сириската граница со Турција, со Ирак и со Јордан. Од руска страна е предложен иновациски приод кон решавањето на оваа задача, кој дозволува трансгранични доставки на хуманитарна помош од ОН со согласност на официјален Дамаск, а кои ќе бидат под мониторинг.
Се надеваме дека наскоро проектот ќе биде ставен на гласање во вид кој е прифатлив за сите, а со кој се исклучуваат ултимативните барања кон властите на САР и кои не дозволуваат дури ни асоцијација за употреба на шеми за користење сила.
Стана сосема неспокојно и во соседен Ирак...
Она што се случува во таа земја, која до неодамна на целиот свет му беше претставувана како пример за успехот на американското геополитичко инженерство, отрезни многумина. Тоа со каква леснотија терористите од „Исламската држава на Ирак и Левант“ освојуваат нови територии, ја прикажа целосната вистина: терористичката закана е предизвик за многу држави од овој регион и тој изискува итен колективен одговор.
Расте сознанието за тоа дека кога терористите мислат „преку границите“, стремејќи се да создадат нов халифат, меѓународната заедница е зад нив за најмалку еден чекор, и како и претходно оперира во рамките на националните граници. И како резултат на тоа, заглавени во политичките граничници, некои престолнини го осудуваат тероризмот во една држава, а во исто време го поддржуваат во друга.
Како помина дебатата за ситуацијата во Авганистан?
Иницијативата на руската делегација се состоеше во тоа што беше направен особен фокус на задачите за борба со производителите и со нелегалната трговија на авганистанските наркотици. Не е тајна дека овој проблем доби навистина ужаснувачки размери и стана глобален, така што фактички претставува закана за меѓународниот мир и стабилност.
Имено на оваа теза се засновува изјавата на претседателот на Советот за безбедност која беше усогласена по нашето настојување.
Изјавата треба да стане наш заеднички прирачник за дејствување, а згора на тоа во него се одразени и најважните руски иницијативи во областа на борбата со наркотици. Важно е и тоа дека меѓународните воени контингенти кои се наоѓаат на авганистанската територија, се повикуваат ефикасно да ги поддржуваат дејствијата на Кабул за решавање на овој проблем, кој е поврзан со производство и со трговијата со наркотици.
Ова интервју е редактирано од страна на „Руска реч на македонски„, преводот од руски е неофицијален.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче