Нови детали за трагедијата во Одеса

Заднината на трагедијата во Одеса, во која на 2 мај во пожар во Домот на синдикатите загинаа повеќе десетици луѓе и понатаму не е јасна, иако секој ден во медиумите се појавуваат нови поединости. Во првите извештаи од местото на пожарот каде загинаа најмалку 46 лица, се велеше дека поголемиот дел од жртвите се задушиле од чадот. Но, наскоро почнаа да се појавуваат податоци за примена на огнено оружје и насилство кон луѓето, а бројот на загинати почна да расте.

Настаните во Одеса и натаму остануваат најактуелна тема во украинските и во руските медиуми. Министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров на 7 мај изутрината остро ги осуди радикалните националисти со чија помош се случила трагедијата. Хронологијата на настаните од 2 мај може рамковно да се реконструираат со многубројните видеоснимки, сведоштвата на очевидците и со соопштенијата од медиумите. 

Маршот тргна на друга страна 

Во текот на денот на Соборниот плоштад во Одеса навивачите на фудбалските клубови „Черноморец“ (Одеса) и „Металист“ (Харков) решија да организираат марш кон стадионот на „Черноморец“, каде што требаше да се одржи фудбалски натпревар на овие две екипи. Поголемиот дел од навивачите во рацете држеа украински знамиња. Определени жители на Одеса колоната навивачи ја сфатиле како митинг на поддржувачите на новите киевски власти и се придружија на маршот. 

Според другата верзија, маршот „За единствена Украина“ бил организиран однапред, а фудбалските навивачи од Одеса и од Харков им се придружиле на активистите на Евромајдан. 

Колоната на самиот почеток на маршот беше нападната од група приврзаници на федерализацијата на Украина со маски, палки и трауматички пиштоли. Определени очевидци велат дека обете страни имале огнено оружје. Приврзаниците на Евромајдан биле побројни. Ги имало неколку илјади, додека приврзаниците на федерализацијата биле 300-400 и тие биле принудени да се повлечат кон трговскиот центар и да се засолна во него. Полицијата се обидела да ги раздвојат страните со жив кордон, но не успеала. 

Особена улога во овие настани одиграле луѓето со црвен превез, по сè изгледа провокатори. Вакви црвени превези имале и некои од групата евромајдановци, и некои од групата антиевромајдановци, е определен број полицајци. Според сведоштвата на очевидците, токму луѓето со црвени превези пукале од огнено оружје, а подоцна почнале да фрлаат пиротехнички средства од покривот на Домот на синдикатите. 

На крајот прокиевските активисти заминале на плоштадот Куликово Поле и го запалиле кампот на антиевромајданците кој се наоѓал таму.

Пожарот во Домот на синдикатите 

Видеоснимките што ги направиле учесници на настаните сведочат дека пожарот во Домот на синдикатите почнал буквално неколку минути по палењето на кампот на приврзаниците на федерализацијата. На една снимка се гледа како се појавува пламен истовремено на главниот влез од зградата и во една просторија на вториот кат. 

Сè уште не е јасна причината за пожарот на вториот кат. Истрагата смета дека пластичните тапети се запалиле од пиротехничките средства. 

Пожарникарите стасале на лице место дури 40 минути по избувнувањето на пожарот, а во самата зграда немало вода и апарати за гаснење пожар. Активистите на Евромајдан цело време ја држеле зградата под опсада и дури (според очевидците на Интернет-форумите) им ги исекле цревата на пожарникарите, со што во голема мера го отежнале гаснењето. Определени поддржувачи на киевските власти од огнено оружје пукале во прозорците на запалената зграда. 

Евромајданците им помагале на своите противници да излезат од Домот на синдикатите (само на оние што можеле да докажат дека се жители на Одеса), а потоа ги претепувале. Според определени информации неколку луѓе од тоа тепање завршиле во болница, а некои дури и им подлегнале на повредите. 

Освен тоа, на 6 мај на Интернет се појавија видеоснимки на кои се гледа како приврзаниците на киевските власти провалуваат во Домот на синдикатите со палки и со синџири. 

Загинати и ранети 

Киевските извори, медиуми и блогери известуваат за различен број загинати. Обвинителството на Одеската област соопшти дека како последица на пожарот загинале 46 лица, а некои блогери пишуваа дека имало 217 жртви, додека одескиот сајт „Тајмер“ наведува податоци за 116 загинати, повикувајќи се на извори во правосудните органи и на форензичари. 

Според податоците кои имаат статус „официјални“ во сите случаи причина за смртта била задушување од чад. „Тајмер“, меѓутоа, ги цитира изјавите на форензичарите кои говорат за шестмина убиени од огнено оружје. 

Истрагата пронајде пепелосани тела на првиот и на вториот кат, иако жариштето на пожарот беше на приземјето, а во определени простории каде се пронајдени жртви воопшто немало знаци на пожар. На видеоснимките и на фотографиите што ги објавуваат блогерите навистина на телата на жртвите се гледа дека се погодени од огнено оружје, а понекаде се гледа и бел прав од апарати за гаснење пожар, иако вакви апарати, според сведоштвата на учесниците во настаните, во зградата немало. 

На фотографиите од местото на настанот кои ги објавуваат блогерите се гледаат тела пеплосани само во пределот на главата и на рацете, и тоа во просториите во кои нема никакви траги од пожар. 

Народниот пратеник Владимир Арев изнесе верзија дека луѓето во Домот на синдикатите не се задушиле од обичен чад, туку од некој отровен гас, можеби од хлор, кој, наводно, бил пуштен во зградата. Виктор Ерјома, вршител на должноста вицепремиер на Украина, ја потврдува оваа верзија. „Бев на местото на настанот и видов голем број загинати. Тие починаа ненадејно и многу брзо. Односно, гореше некаква супстанца која испушташе гас, и тој гас многу бргу влијаеше врз луѓето, така што тие губеа свест и веднаш умираа. Експертизата ќе покаже што е тоа што гореше и за каков гас станува збор“, изјави Ерјома на 3 мај на куса прес-конференција. 

Истрагата за трагедијата во Одеса продолжува.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња