Македонија го прославува Денот на победата

Церемонијата на положување цвеќе пред споменикот на партизаните-антифашисти од 12 Ударна бригада. Извор: Aмбасада на Руската Федерација во Република Македонија

Церемонијата на положување цвеќе пред споменикот на партизаните-антифашисти од 12 Ударна бригада. Извор: Aмбасада на Руската Федерација во Република Македонија

На 8 мај во Скопје амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија имаше чест да биде организатор и поддржувач на две активности поврзани со прославата на Денот на победата. Редакцијата на „Руска реч на македонски“ ги проследи настаните и подготви репортажа за нив.

Вчера амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија организираше неколку свечени настани посветени на 69-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Службеници на руското воено аташе и дипломати од амбасадата на чело со амбасадорот на Русија во Македонија Олег Николаевич Шчербак положија цвеќе пред споменикот на партизаните-антифашисти од 12 Ударна бригада кои загинале при ослободувањето на градот Скопје. На овој споменик, освен имињата на повеќе Македонци, се наоѓа и името на Италијанецот Николо Малдини и на Русинот Иван Колосенко. 

На церемонијата на положување цвеќе свое учество зедоа и претставници на Сојузот на борците за народно ослободување на Македонија, дипломатски претставници и воени аташеи од амбасадите на Република Србија, на Република Хрватска, на Кинеската Народна република како и военото аташе од Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, а исто така и граѓани, почитувачи на борбата против фашизмот. 


Претставници на Сојузот на борците за народно ослободување на Македонија. Извор: Aмбасада на Руската Федерација во Република Македонија

Во името на Градскиот сојуз на борците од НОБ. на насобраните се обрати професорот Трајко Стаматовски кој зборуваше за значењето на Втората светска војна за Република Македонија. „Се чувствувам привилегиран што можам да се обратам од ова место и почестен сум што го одбележуваме овој ден значаен за човештвото. Денот на ослободувањето од фашизмот. Дванаесет борци загинаа, бранејќи ја браната која беше минирана и требаше да го поплави Скопје. Меѓу нив имаше и претставници на Црвената армија.“, изјави Стаматовски. Притоа тој додаде: „Денот на победата е многу значаен за целото човештво, меѓутоа посебно е значаен за македонскиот народ, бидејќи тој за времето на Втората светска војна застана на правата страна, на страната на антифашистичката коалиција и успеа да ја ослободи земјата со сопствени сили и да дојде до своја слободна држава“. 

„Јас паметам, јас се гордеам!“
Денот на победата во Русија може да се спореди според популарноста со Нова година, но по општественото значење е далеку пред неа. Еден од најраспространетите симболи на Денот на победата е Георгиевската лента, црно-портокалова лента со која во ова време масовно се накитени руските градови и минувачите од сите возрасти. Сепак, малкумина ја знаат заднината на овој симбол и историјата на неговото настанување.

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, н.е. Олег Николаевич Шчербак, заблагодарувајќи им се на присутните рече: „ Оваа година одбележуваме 69 години од победата над фашизмот. Во Русија овој празник е сенароден и овие денови ќе се одржуваат воени паради во сите градови-херои и во сите региони на Руската Федерација. Ние се сеќаваме на оние кои по цената на својот живот го победија фашизмот. Со тоа ја покажуваме нашата почит за оние што се жртвувале. Не треба да се допушти да се заборават лекциите од Втората светска војна, тоа би било предавство на сеќавањата на 50 милиони загинати во војната“. 

Вечерта, пак, во просториите на Салон 19:19 беше одржана културно-уметничка програма организирана од страна на координациониот совет на здруженијата на руските сонародници со поддршка на амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. 

Приредбата со свој поздравен говор ја отвори амбасадорот Олег Шчербак, кој повторно го истакна значењето на борбата против фашизмот, при што уште еднаш потсети дека „не смееме да дозволиме повторно појавување на фашизмот на планетава„. За постоењето на вакви тенденции, тој потсети на настаните во Одеса од 2 мај годинава: „Трагичните настани во Украина покажуваат дека фашизмот повторно се јавува. На 2 мај во Одеса, неонацистите запалија 46 живи луѓе, а повеќе од 100 беа ранети и тоа е сериозен симптом. Ова јасно укажува дека е потребно да испратиме јасна порака до сите дека никогаш не смееме да дозволиме да се повтори неонацистичката теорија“. 


Асоцијација „Озарение„. Извор: Руска реч на македонски

По обраќањето следуваше културно уметничката програма која беше исполнета со стихови и песни од Втората светска војна. Во неа учество зедоа голем број руски сонародници и културно уметнички друштва, како и ученици од основните училишта. Како и секоја година програмата ја збогатија и студентите од катедрата за славистика на филолошкиот факултет  при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, кои на присутните им се претставија со неколку стихови со воена тематика од повеќемина руски автори. 

Дружењето продолжи и по завршувањето на приредбата на коктелот кој за присутните го организираше амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња