Најтешките периоди на Севастопољ биле за време на Втората светска војна. Војниците на Црвената армија и морнарите на Црноморската флота во 1941-42 година поминале 250 дена и ноќи бранејќи го градот од нападите на германските единици. Извор: Росијскаја газета.
Насловот на овој текст се, всушност, стихови од химната на Севастопољ, кој мошне често се нарекува „град на руската слава“
Севастопољ е основан во 1783 година на југозападниот брег на Кримскиот Полуостров врз основа на указот на руската императорка Екатерина Велика на местото на кое некогаш се наоѓал старогрчкиот град Херсонес, чии урнатини археолозите до денешен ден ги истражуваат. Името на новиот град му го дала самата Екатерина Велика. Севастопољ во превод од грчки, според различни извори, значи многупочитуван, свет или величествен град, град на славата. Но, она што ја привлекло императорката и нејзините војсководци на ова место биле 30 заливи што биле заштитени од ветрот. Некои од нив продираат во карпестото копно и до осум километри. Затоа Севастопољ долго време бил главна поморска база на Русија на Црното Море.
Најтешките периоди на Севастопољ биле за време на Втората светска војна. Војниците на Црвената армија и морнарите на Црноморската флота во 1941-42 година поминале 250 дена и ноќи бранејќи го градот од нападите на германските единици. Но, и потоа, откако војниците биле принудени да ги напуштат своите пунктови, во Севастопољ продолжиле илегално да дејствуваат ослободителните групи.
Од 1948 година Севастопољ има статус на посебен град, кој е под директна управа на Руската СФСР. Но, во 1954 година, на иницијатива на првиот секретар на ЦК КПСС Никита Хрушчов, Севастопољ заедно со Крим преминал од составот на Русија во состав на Украина, иако, притоа, не дошло до никакви суштински промени во неговото функционирање и неговиот статус. Овој град, како една од најважните воени поморски бази на Советскиот Сојуз, и понатаму останал под директна управа на Москва и на Министерството за одбрана на СССР.
Ситуацијата значително се промени на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, кога Украина стана независна држава и кога градот Севастопољ и Крим станаа дел од неа.
Според одредбите на Големата спогодба за пријателство, соработка и партнерство, која Москва и Киев ја потпишаа во 1997 година, Русија призна дека Севастопољ ѝ припаѓа на Украина и ја уважи неповредливоста на границите на украинската држава, додека Украина на Русија ѝ даде право и понатаму да ги користи севастопољските воени поморски бази и право на стационирање на Црноморската флота на Крим до 2017 година.
Кои воени сили и кои технички средства влегуваат во состав на Црноморската флота на Русија? Тоа се штабот и командата на флотата во Севастопољ, 68. бригада за заштита на поморскиот сектор, 17. арсенал на Руската воена морнарица, 810. самостоен полк на морнарската пешадија, 247. самостоен подморнички дивизион, 854. самостоен крајбрежен ракетен полк, самостојниот морнарички инженерски баталјон, центарот за врска, 30. дивизија на површински пловила, во чиј состав се ракетниот крстосувач „Москва“, ракетните ховеркрафти „Бора“ и „Самум“, бригадата на помошни бродови, бригадата на десантни бродови, бригадата на ракетни корвети, самостојниот јуришен воздухопловен полк, самостојниот мешовит воздухопловен полк, самостојната радиотехничка бригада, вооружувањето, магацини со воена опрема и муниција, ремонтните заводи и школи за обука на помлади офицери... Вкупно 25 илјади војници, не сметајќи ги работниците и службениците вработени во претпријатијата и во установите на Флотата. Вкупно, заедно со членовите на семејства, тука има над сто илјади луѓе.
Русија засега нема изградено алтернативна база за Црноморската флота. Пристаништето во Новоросијск нема доволна длабочина и не располага со неопходната инфраструктура. Притоа, Црноморската флота врши важна стратегиска задача. Таа го заштитува југот на Русија, не дозволувајќи во Црното Море да се појават носачи на авиони на потенцијален непријател.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче