Двојните стандарди на меѓународното право овозможуваат законските одредби да се толкуваат онака како што му одговара на победникот. Извор: Ројтерс.
Во светлината на настаните во Украина и на Крим повторно се поставува прашањето колку се ефикасни механизмите за спречување кризни ситуации, зашто принципите за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет сè почесто се конфронтира со правото на народот за самоопределување, што обично завршува со основање на нови држави.
Кипар
Најинтересен е примерот на Северен Кипар. Во јули 1974 година со поддршка на грчката воена хунта на островот доаѓа до воен преврат, претседателот Макариос е симнат од власта, а контролата на островот ја презема Никос Сампсон, претставник на грчката илегална организација која се заложува за припојување на Кипар кон Грција. Турција реагираше на тој начин што на Кипар донесе своја војска, која требаше да ги „заштити интересите на турското население“. Воената акција доведе до поделба на островот. Турската Република Северен Кипар официјално не ја признаа државите членки на ОН, освен Турција.
Курдистан
Тука е и примерот на Курдите, кои според волјата на колонизаторски земји се најдоа во четири држави (Ирак, Иран, Сирија и Турција) и кои до денешен ден се борат за сопствена држава. Ирачките Курди во 1991 година се кренаа против Садам Хусеин, а САД ги поддржаа и воспоставија зона на забранети летови над северен Ирак. Денес таму постои дефакто национална држава, која е речиси сосема независна од Багдад.
Еритреја и Јужен Судан
Можеме да се сетиме и на Африка. Таму проблемот на прекројувањето на границите е многу позаострен одошто во Европа, зашто на црниот континент границите се повлечени „со помош на линијар“, што доведе до тоа некои народи да се најдат во повеќе држави, а заколнатите непријатели во рамките на иста држава. Ова резултираше со непрекината низа меѓународни и внатрешни конфликти, од кои некои доведоа до формирање нови држави. Така во 1993 година дојде до одвојување на Еритреја од Етиопија, а во 2011 се одвои Јужен Судан од Судан. Треба да се истакне дека новите земји се појавија со одобрување и поддршка на ОН, како и на западните земји, кои често, од различни причини, ја финансираа и борбата за независност.
Во Африка постојат и замрзнати конфликти. На пример, од 1976 година Мароко со премолчена согласност на САД и на ЕУ под окупација ја држи Западна Сахара, чие население има желба да основа сопствена држава.
Зони на замрзнати конфликти
На постсоветскиот простор исто така можат да се најдат примери на ситуации во кои желбата да се заштитат сонароднците доведе до територијални конфликти. За време на војната во Нагорно-Карабах 1991-1994 помеѓу Азербејџан и самопрокламираната Република Нагорно-Карабах, Азербејџан воспостави контрола над територијата на Шаумјановскиот реон на Азербејџанската ССР, кој претходно беше населен главно од Ерменци, додека Ерменците ја зазедоа територијата на поранешната Нагорно-Карабашка Автономна Област и некои соседни реони. Овој конфликт испливува до денес и доведува до повремени заострувања на односите помеѓу Азербејџан и Ерменија, кои толку ревносно се подготвуваат за можна војна, така што стручњаците за Кавказ зборуваат за регионална трка за вооружување.
Косово
На Косово во 1999 година победи „принципот на самоопределување“, овој пат помогнат од конкретни странски воени дејствија против една страна во судирот. Како повод послужија тврдењата за наводното етничко чистење на кое беа подвргнати албанските жители во покраината.
Ирак
Принципот на суверенитет е во еднаква мерка занемарен и за време на американско-британската агресија врз Ирак во 2003 година, која е реализирана врз основа на измислен изговор дека треба да се ликвидираат резервите на „оружјето за масовно уништување“.
Либија
Многу е спорно и директното мешање на НАТО (пред сè на Франција и на Велика Британија) во граѓанската војна во Либија во 2011 година. Западните земји тогаш зборуваа за „заштитата на цивилното население“, а нивните критичари за симнувањето од власт на непосакуваната влада на Моамер Гадафи.
Кина
Ќе наведеме и пример поврзан со современата политика на Кина, која доследно го зајакнува својот нов статус на лидер и на водечка сила во Азија. По мирното враќање на Хонгконг и на Макао под закрилата на Кина, Кинезите со Јапонија водеа спор околу групата острови Сенкаку (во Кина познати како Џаојудао), а со Виетнам за контрола над Јужнокинеското море. Во тајванското прашање ја демонстрираат својата сила, и истовремено, и покрај бурните протести на многу моќни држави, продолжуваат да го држат Тибет, присоединет во 1950 година.
Сите наведени случаи укажуваат на тоа дека, и покрај создавањето на ОН и развиениот систем на меѓународното право, во односот меѓу државите, како и претходно, сè зависи од односот на силите. Двојните стандарди на меѓународното право овозможуваат законските одредби да се толкуваат онака како што му одговара на победникот. Сите големи држави без исклучок често се потпираат на оној принцип што им одговара, поаѓајќи од геополитичките интереси. И сè дури овие двојни стандарди опстануваат, не е возможно да се креира ефикасен механизам за решавање на конфликтите, што значи дека до кризи како што е денешната ќе доаѓа и во иднина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче