Alamy / Legion Media
Lifestyle in Russian style
Прво нешто на кое се обрнува внимание тоа се жените, што е природно. Сите забележуваат дека руските жени се секогаш облечени небаре ќе одат на театар или на некој прием. Ова е чудно, паѓа в очи веднаш. Родум сум од Украина и кога првпат допатував во Русија, а претходно имав прошетано по светот, ја забележав оваа особеност. Русинките ќе се нашминкаат и ќе облечат штикли, дури и ако треба да тркнат по леб.
Еднаш, патувајќи низ Европа, обрнав внимание на работничките на аеродромите. Во Москва тие одеа на високи штикли. Во соседна Украина штиклите беа малку покуси. Како што се приближував кон центарот на Европа штиклите стануваа сè пониски. Во Прага нивните колеги носеа удобни патики. Секако, и во Франција и во Италија може да се сретнат дотерани жени, но во Русија ова е масовна појава.
Уште една особина кај Русите е тоа што тие не се насмевнуваат. Европејците и Американците им се насмевнуваат на сите од култура. Така е прифатено, тоа е норма. А, ете, Русите се насмевнуваат само доколку навистина си им симпатичен. На почетокот не се чувствуваш удобно, се чини дека кон тебе се однесуваат лошо, полошо одошто кон останатите. Но, кога ќе се навикнеш, минусот станува плус – ретките насмевки зборуваат за тоа дека навистина ти се радуваат, а не дека се придржуваат до некаква етикеција.
„Што има“ и мајонез
На Запад прашањето „што има“ носи повеќе ритуален карактер, а во Русија на него одговараат долго и прецизно. Постои една приказна за еден руски писател. Нему толку му се смачило од прашањето „што има“, со врескање им велел „ах, сакаш да знаеш што има кај мене“, ќе ги фател за реверите и не ги пуштал сè дури не им кажел што сè има ново кај него. По извесно време луѓето почнале да минуваат покрај него со спуштена глава. Во оваа приказна до апсурд е доведена карактерната особеност на Русите, сосема сериозно да одговараат на поставените прашања. Тука ја имаме истата работа како и со насмевките – ако се интересираат, тогаш тоа е искрено.
Изразот на лицето, гестовите, начинот на зборување... А, секако, и јадењето. Она што зачудува во руската кујна е изобилството на мајонез. Може да се најде насекаде: во новогодишната руска салата, во харингата „под бунда“ (од мајонез) и во многу други салати. Во мајонез печат дури и месо во рерна и тоа е мошне популарно, иако низ целиот свет е познато дека мајонезот е ладен (салатен) сос и при термичка обработка почнува да се расипува.
Иселениците велат
Секој е зачуден од нешто. Индискиот програмер Совон Дас кој живее во Русија се чуди на тоа како во Русија малкумина знаат англиски. Чудно му е што странците имаат тешкотии во вработувањето. Го зачудуваат високите цени. Воспитувачката на една детска градинка, Американката Ејми е зачудена од страста на русите за собирање печурки: Луѓето во Русија сакаат да собираат диви печурки, за разлика од мнозинството Американци. На почетокот мислев дека тоа е чудно и оти е некако опасно обични луѓе да одат во шума и да собираат печурки.
Но, најинтересен случај за чудните Руси ни го раскажа организаторот на театарски мастер-класови од Велика Британија Марин Кук: Жена ми, Наташа, ја чекаше мајка си да дојде за да ни помогне околу нашето прво бебе Артурчик. Возот требаше да стаса од Башкортостан во 4 наутро. Но, Наташа доби породилни болки околу 2 изутрина. „Оф, леле“, свикав јас, “повикај ја бабицата, а јас ќе одам со такси да ја пречекам мајка ти.“ „Но, мили, јас морам да дојдам со тебе“, рече Наташа меѓу спазмите, „Морам да дојдам со тебе.“ „Ама, зошто, драга? Не треба ли да си тука и да зовриеш вода и да подготвиш постелнина?“ Се изјаснив јас. (Детето требаше да се роди дома.) „Не, драги, морам да дојдам – мајка ми носи компири од Башкортостан и морам да ѝ помогнам“.
Му благодариме на московскиот дискусионен клуб Ru-En Games for Expats (engam.ru) за помошта во подготовката на материјалот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче