Русија почна со испорака на оружје за Ирак

Според договорот треба да бидат испорачани 48 противавионски ракетно-топовски системи „Панцир-С1“. Извор: РИА Новости

Според договорот треба да бидат испорачани 48 противавионски ракетно-топовски системи „Панцир-С1“. Извор: РИА Новости

Со договорот вреден над 4 милијарди долари се предвидува испорака на оружје на Ирак за борба против терористите. Според договорот треба да бидат испорачани 48 противавионски ракетно-топовски системи „Панцир-С1“ и 40 хеликоптери Ми-25 и Ми-28НЕ.

Русија започна со испорака на оружје за Ирак. Ова за телевизискиот канал Russia Today го соопшти советникот на премиерот на Ирак Али ел Мусави. Испораката започна во согласност со договорот потпишан во 2012 година.

Советникот нагласи дека со договорот „е предвидено главно испорака на оружје за борба против терористите“. „За таа цел нарачавме хеликоптери кои се покажаа како добри во антитерористичките операции. Освен тоа, ќе добиеме и специјални средства за борба против терористите“, прецизираше тој.

Русија претходно на Ирак му отпиша долг како замена за идните големи нарачки на руско оружје.

Али ел Мусави исто така објасни дека „системот за одбрана на Ирак, кој е создаден во соработка со САД и со Западот, предд сѐ има за цел да обезбеди заштита на суверентитетот на земјата и да му се спротивстави на тероризмот“. „Ирак не поседува офанзивно вооружување, зашто нема експанзионистички планови. Ирак само тежнее да го осигура сопствениот државен суверенитет и да ги заштити своите богатства, и да обезбеди средства за борба против тероризмот“, заклучи тој.

Договорот вреден над 4 милијарди американски долари беше потпишан во октомври 2012 година за време на посетата на претседателот на Ирак на Москва. Според договорот Русија на оваа блискоисточна земја ќе ѝ испорача 48 противавионски ракетно-топовски системи „Панцир-С1“ и 40 хеликоптери Ми-25 и Ми-28НЕ. Првобитно Багдад планираше да нарача 36 руски хеликоптери, но во април 2013 година јавноста беше известена дека паријата е зголемена за четири летала. Првата група ирачки стручњаци веќе ја помина обуката за управување со хеликоптерите Ми-35 во рускиот Центар за борбена примена на копнената авијација во Торжок.

Подоцна Русија и Ирак се договорија за испорака на ловечките авиони МиГ-29М/М2 и за оклопни борбени возила, но детали од тој договор засега не се познати. Освен тоа страните во јуни потпишаа договор според кој во Ирак ќе бидат испорачани борбени хеликоптери Ка-52. Прелиминарниот договор за испорака на овие летала беше постигнат во октомври 2012 година.

На почетокот на 2013 година се појавија информации дека е анулиран договорот за испорака на противавионските ракетно-топовски системи и хеликоптери, но во февруари Анатолиј Исајкин, генерален директор на „Рособороноекспорт“, на прес-конференција во Министерството за надворешни работи изјави дека договорот не е анулиран, туку дека сè уште не стапил на сила.

Зборувајќи за околностите под кои е склучена зделката, Али ел Мусави истакна дека ирачката страна „имала извесни сомнежи во поглед на овој договор“ поврзани со корупција. „Но, пред почетокот на неговата реализација постигнат е договор помеѓу претседателот Владимир Путин и премиерот на Ирак за тоа дека е неопходно да се преиспита договорот со цел да се оневозможат какви било неправилности“, рече Али ел Мусави. „Поради тоа на крајот договорот беше потпишан. Сега започна процесот на реализација на една етапа од тој договор.“

Ирак голем дел од својата воена техника ја има набавено од СССР и од Русија. Во советскиот период за таа цел биле потрошени 30.5 милијарди долари. Претходните договори опфаќале околу 1.000 авиони и 350 хеликоптери, како и системи за противвоздушна одбрана, копнени транспортери и бродови.

Според мислењето на експертите, фактот што Багдад го обнови увозот на воена техника од Русија е условен од тоа што ирачките вооружени сили се навикнати да користат руско оружје, како и од желбата увозот на вооружувањето да стане разнообразен, зашто Ирак по падот на режимот на Садам Хусеин поголемиот дел борбени авиони ги купуваше од САД. Во овој момент вредноста на сите важечки договори помеѓу Багдад и Вашингтон во воената сфера надминува 12 милијарди долари. Според тоа, Русија е сега на второ место според количеството на испорака на воена техника за Ирак.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња