Руски превентивен удар ако Украина се реши за „хрватско сценарио“?

Ројтерс
Политикологот Олег Бондаренко, директор на Фондот за прогресивна политика, зборува за развојот на украинскиот конфликт и можната реакција на Русија. За што сонува Петро Порошенко?

Во врска со посетата на Порошенко на САД администрацијата на украинскиот претседател, како што можеше да се очекува, издаде голем број бравурозни соопштенија за тоа како се подготвуваат „мошне важни одлуки“ помеѓу Вашингтон и Киев. Од друга страна, некои украински медиуми го свртеа вниманието на формалноста и празнотијата на состанокот на Трамп со Порошенко.

Сепак, некои теми кои раководството на Украина ги започна во Вашингтон имаат определена смисла. На пример, шефот на украинскиот Генералштаб Виктор Муженко на првата средба со новиот шеф на Пентагон Џејмс Метис по кој знае кој пат замоли на Украина да ѝ се испорача „летално оружје“, а Порошенко по враќањето од Вашингтон најави дека САД „до октомври“ ќе донесат одлука за испорака на „одбранбено оружје“ за Киев. За волја на вистината, Порошенко е познат по својата склоност да преувеличува (благо речено).

Во меѓувреме во Донбас повторно се разгорува вооружен судир. „Житното примирје“ кое беше склучено на 24 јуни поради жетвата на пченицата веќе првата ноќ го прекршија украинските вооружени сили со ракетирање на силите на самоодбраната на ЛНР. Во тој контекст се појави информација дека единиците на вооружените сили на Украина на линијата на раздвојувањето непланирано се заменети со „доброволнички“, односно со казнени баталјони (како баталјонот „Ајдар“) кој во 2014 и во 2015 година интензивно војуваше против цивилното население на Донбас. А, иницијаторот на воената хистерија и секретар на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана Александар Турчинов изјави дека се вршат подготовки за прогласување воена состојба на дел од Украина наместо „Антитерористичката операција“ (АТО) која веќе на сите им здодеа.

Сето ова упатува на мислење дека Порошенко наспроти стартот на својата претседателска кампања се обидува да го врати Донбас со сила, договарајќи се за тоа претходно со Европа и со Америка, од кои официјално ќе добие оружје. Што може да преземе Русија во тој случај?

Владимир Путин, Сергеј Лавров и Петро Порошенко. 27.08.2014./ РојтерсВладимир Путин, Сергеј Лавров и Петро Порошенко. 27.08.2014./ Ројтерс

Доколку се појават точни информации за подготовка на агресија насочена против цивилното население на Донбас со цел да се уништат ДНР и ЛНР, не треба да се исклучи можноста дека Русија ќе изврши превентивно ракетирање на воените единици на Украина. Со други зборови, може да спроведе своевидна „операција на принудување на мир“ како онаа од 2008 година во Грузија, кога руската војска го принуди на мир Михаил Саакашвили кој исто така беше незапирлив евроатлански мечтател, а денес се зацврсти кај украинските опозиционери.

Во Киев одамна со задоволство се зборува за „хрватско сценарио на враќање на Донбас“. Порошенко и неговото опкружување сонуваат за таква операција. Киевскиот лидер може да се впушти во слична авантура доколку бидат успешни преговорите за испорака на оружје, со целосно игнорирање на договорот од Минск и со премолчена европска согласност. Но, тогаш од руска страна во играта можат да влезат неочекувани актери.

Каде се границите на можната „превентивна реакција“ на Москва? Тоа е прашање за кое одлучува политичкиот, а не воениот врв. Во политичка смисла Русија може да ја интересира само историскиот дел на Украина од левата страна на Днепар, од Харков до Херсонес. Москва во Украина се соочува со одвраќање на колективниот Запад и подобро е тоа да се одигрува на брегот на Днепар, одошто на границата со Белгородската област. Тоа е сосема нормална реакција на секоја голема држава како носител на цивилизација насочена кон заштита на сопствениот животен простор.

Опишаното сценарио секако не е никакво упатство според кое треба да се дејствува, но треба да се разгледа како една од можните варијанти која би можела да се реализира во краен случај. Доколку Киев сака да спречи такво сценарио, тој мора да седне на преговарачка маса со претставниците на ДНР и на ЛНР и да го исполни фамозниот „договор од Минск“.

Во моментов Европа има доста добра „алатка“ за вршење притисок врз Украина во вид на можност за прекинување на важењето на безвизниот режим. Оваа „алатка“ би била добредојдена доколку Брисел одненадеж се заинтересира за воспоставување вистински мир во Донбас. Претходно Германија и Австрија (кои остро се спротивставија на новиот пакет американски антируски санкции) би можеле да понудат нов формат за разгледување на реализацијата на договорот од Минск, додека тоа не го сторил некој друг.

Олег Бондаренко е политиколог, директор на рускиот центар на Агенцијата за стратешки комуникации.

Руската верзија можете да ја прочитате тука.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња