Нова пречка во преговорите за гасот

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Русија и Украина не дојдоа до согласност за обновување на испораката на гас, без оглед на принципиелно постигнатиот договор на лидерите на „нормандиската четворка“ од минатата недела. ЕУ не најде пари за да го плати гасот за Украина и предложи во шемата да се воведе испорака на европски посредник. Но ваквата варијанта не му одговара на Гаспром. Отсуството на средства и промената на преговарачите од страна на Европската комисија можат да го одложат решението на конфликтот до крајот на годината.

Преговорите за гас помеѓу Русија и Украина со посредство на Европската Унија одново завршија со неуспех. Москва не скри дека главна причина за неуспехот е тоа што Брисел не можеше да обезбеди за Киев 1.6 милијарди американски долари, кои таа би ги насочила за купување гас од Гаспром со претплата. Пред една недела претседателот Владимир Путин по преговорите со германската канцеларка Ангела Меркел и со претседателот на Франција Франсоа Оланд, изјави дека Европејците можат да го исплатат долгот за гас на Украина, давајќи им бриџ-кредит или давајќи гаранции од Европската банка. Но, до денешен ден ниту едно официјално лице од ЕУ нема потврдено дека прашањето се разгледува. Така, еврокомесарот Гинтер Етингер даде до знаење дека Украина треба самата да најде пари, а меѓу другото и да искористи средства доделени од ЕУ како макроекономска помош. „Во следниве неколку денови ќе направиме сè за нашите пријатели од Украина да ја обелоденат сумата што ќе можат да ја издвојат за плаќање на гасот“, изјави тој.  

За Украина појавувањето на посредник е добра можност, зашто тој врз себе ќе ги преземе сите ризици од работењето со Гаспром, а руската компанија пак повеќе нема да може да ја тера Нафтогас на потпишување договор што нема да ѝ одговара. 

Јуриј Корољчук

експерт на украинскиот Фонд за енергетски стратегии

Киев, пак, наведува други причини за неуспехот на преговорите. Според шефот на украинското Министерство за енергетика Јуриј Продан, Гаспром не сака да даде правни гаранции за тоа дека цената за испораката до 31 март 2015 година ќе остане неизменета на нивото од 385 американски долари за илјада кубни метри, и дека обемот нема да биде помал од 4 милијарди кубни метри. Во Гаспром, според податоците на Комерсант, овие барања се сфаќаат како стапица која може да ја ослаби позицијата на монополот пред Стокохлмскиот арбитражен суд. 

Гаспром потсети на шемата од мината деценија 

Европската Унија како можен излез гледа користење на компанија-посредник помеѓу Гаспром и Нафтогас. „Ние го предложивме следново: доколку Нафтогас не може да плати, тогаш европската компанија може врз себе да го преземе плаќањето на тој гас и потоа да му го препродава на Нафтогас, - објаснува Гинтер Етингер. – Исто така не се исклучува плаќањето за транзит на рускиот гас може да се користи за плаќање (на испораките за Украина – заб. Комерсант). Според Комерсант, овој предлог доаѓа од Киев и дојде до преговарачката позиција на Украина и ЕУ во консултација со Гинтер Етингер и на премиерот Арсениј Јацењук на 20 октомври. 

„Главната причина за неопходноста од европски посредник е тоа што Гаспром не сака да ја вклучи во договорот точката за одговорност за неиспорака на гас и за казните за тоа“, објаснува за Комерсант извор во украинското Министерство за енергетика. Според него, Киев се плаши дека Гаспром во случај на големи температурни промени нема еластично да ја зголеми испораката, а тоа значи прекини во снабдувањето со гас за Украина, со оглед на тоа дека „во земјата постојат минимум резерви од гас“, така што пиковите на потрошувачка тешко дека ќе бидат во целост покриени. Соговорникот на Гаспром, кој е запознаен со позициите на Европската комисија, додава дека Европејците се плашат да даваат пари директно на Нафтогас. „Компанијата е нетранспарентна, постојат големи накрстни субвенции и ниско ниво на плаќање од страна на потрошувачите, така што е нејасно како ќе се следи каде одат парите“. 

На 22 октомври Александар Новак соопшти дека како посредник се предлага француската GDF Suez, додека компанијата не сакаше да дава коментари. 

Од што зависи новата гасна криза?
Москва може да почне да ги намалува испораките на гас во Европа преку Украина доколку Киев почне да зема од руската стока за своите внатрешни потреби, изјави на 16 септември претседателот на Русија Владимир Путин. Премиерот на Украина Арсениј Јацењук претходно во парламентот рече дека Киев не „го гарантира непречениот транзит на природен гас во Европа“, доколку не биде потпишана нова спогодба со Гаспром. Следниот ден на преговорите во Милано беше обелоденето дека во врска со гасното прашање постои „дискретен напредок“. Новиот круг преговори е закажан за 21 октомври. „Руска реч на македонски“ ги прашува руските експерти што, според нив, може да им помогне на преговарачите.

Руско-украинските гасни односи речиси секогаш се држеа на посреднички шеми: на почетокот на минатата деценија средноазискиот гас за Украина го испорачуваше Итера, а потоа ја замени швајцарската „Русукренерго“. По потпишувањето на договорот во 2009 година помеѓу Гаспром и Нафтогас, посредниците беа ликвидирани. 

Овој пат Гаспром ја сфати идејата за посредник отворено непријателски. Русија не ја разгледува варијантата за појава на европска компанија-посредник, која би купувала гас на границата на РФ со Украина, изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер. 

За Украина појавувањето на посредник е добра можност, зашто тој врз себе ќе ги преземе сите ризици од работењето со Гаспром, а руската компанија пак повеќе нема да може да ја тера Нафтогас на потпишување договор што нема да ѝ одговара“, смета експертот на украинскиот Фонд за енергетски стратегии Јуриј Корољчук. Според него, европската компанија, каква што е GDF Suez, ќе покажува поголем отпор на притисоците на Гаспром и ќе може да заземе поцврста преговарачка позиција. 

Следната рунда преговори е закажана за 29 октомври, при што веќе на 31 октомври истекува мандатот на актуелниот состав на Европската комисија. Тоа значи дека на местото на Гинтер Етингер, кој веќе околу 10 години се занимава со гасни прашања, ќе дојде нов човек. И тој, ќе побара време за да се запознае со работата. Тоа може дополнително да го зголеми потребното време за преговори. Притоа за Нафтогас грејната сезона де-факто веќе започна: на 20 октомври обемот на искористување на гасот од ПХГ за првпат го надмина обемот на надополнувањето. Моменталните резерви во резервоарите ѝ дозволуваат на Украина да се чувствува комфорно до Нова година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња