Студирањето руски јазик е добар старт за професионална кариера

Фотографии од лична архива
Зошто вреди да се избере руски јазик и книжевност како основа за својата идна професија? Какви потенцијални можности се нудат со таквиот избор? За ова, како и за самите студии разговаравме со докторот на филолошки науки, професор на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ Биљана Мирчевска-Бошева.

Да почнеме со многу убава вест. Летово се појави информација дека најдобрите кандидати кои ќе се запишат на групата „Руски јазик и книжевност“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во учебната 2021/2022 година ќе добијат стипендии од ЛУКОИЛ Македонија. Дали би можеле малку повеќе да ни кажете околу тоа?

Посебно задоволство ни претставува да ја споделиме оваа информација за започнувањето на соработката со ЛУКОИЛ Македонија.
За прв пат досега студентите кои ќе се запишат на групата „Руски јазик и книжевност“ ќе имаат можност да користат стипендија обезбедена од ЛУКОИЛ Македонија во соработка со Амбасадата на РФ во РСМ. Стипендијата ги покрива трошоците за школарината за учебната 2021/22 година за 5 најдобро рангирани кандидати. Исто така, постои можност за продолжување на оваа поддршка и во наредните учебни години.

Ајде да поразговараме подетално за самите студии по Руски јазик и книжевност. Што сè е вклучено во студиите и какви можности им се нудат на студентите? 

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје е единствената високообразовна институција во Македонија која подготвува специјалисти по руски јазик. Студирањето руски јазик и книжевност отвора можност за комуникација со повеќе од 250 милиони луѓе што го зборуваат овој јазик, но исто така нуди можност за продлабочено запознавање не само со јазикот, туку и со една од најбогатите книжевни и културни традиции во светот. 

Врз основа на своите афинитети студентите имаат можност да изберат меѓу наставна и преведувачко-толкувачка насока. Имајќи предвид дека за запишување на оваа група не е потребно претходно познавање на рускиот јазик, ова значи дека за 4 години студентите поминуваат трансформација од апсолутен почетник до професор или преведувач по руски јазик. 

Покрај теоретската настава, во соработка со Македонско-руската стопанска комора, на студентите им овозможуваме пракса во фирми кои соработуваат со Русија со што стекнуваат практични вештини неопходни за нивниот иден професионален ангажман и стапуваат во директен контакт со потенцијалните вработувачи. 

Во текот на студирањето на студентите им се овозможува да создадат цврста и богата основа и соодветни компетенции за понатамошно самостојно усовршување на јазикот.  

Предавање од курсевите за повишување на квалификациите за наставниците по руски јазик во Македонија (Скопје, октомври 2018) одржани од страна на водечките специјалисти на Рускиот универзитет за дружба на народите (Москва)

Се разбира, едукацијата не завршува со дипломирањето. Катедрата се јавува и како организатор на семинари за наставници по руски јазик и на тој начин помага во континуираната едукација на студентите кои ја избрале наставната дејност за своја идна професија. 

Својата едукација студентите имаат можност да ја продолжат на втор и на трет циклус студии на нашата катедра, но и на некој од еминентните универзитети во странство. Горди сме на успесите на нашите студенти на универзитетите во Москва, Перм, Белгород, Петербург и др.

Кои други странски јазици може да се изучуваат ако се одбере „Руски јазик и книжевност“ како основни студии? 

Студиските програми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ нудат можност за изучување на голем број јазици на различни нивоа покрај основниот. Така, студентите врз основа на своите интерeси го комбинираат рускиoт јазик со некој од другите словенски јазици (полски, чешки, словенечки и сл.), но имаме и успешни комбинации со кинески јазик, на пример. Изборот е навистина голем и секој кандидат може да направи комбинација која најмногу одговара на неговите замисли.

Од минатата учебна година има уште една новина, а тоа се двопредметните студии (по руски и по полски јазик) на кои студентите имаат можност паралелно да ги изучуваат јазиците, книжевностите и културите на овие две словенски земји. На овој начин покрај македонскиот јазик како јужнословенски, ги совладуваат и рускиот како источнословенски и полскиот како западнословенски јазик и се профилираат како вистински слависти. Со оваа студиска програма се отвораат широки перспективи за натамошна научноистражувачка и професионална работа, т.е. двојно се зголемува можноста за вработување.  

Покрај студирањето на факултет, дали постојат можности да се посетат јазични школи или курсеви во Русија?  

Морам да истакнам дека нашата катедра е апсолутен лидер во студентската размена во рамки на програмата ЕРАЗМУС+. Покрај ова, студентите имаат можност повеќекратно да престојуваат во Русија на летни школи на партнерските универзитети во Москва, Санкт Петербург, Воронеж, Перм, Тамбов и др. Нашите студенти често ја користат можноста преку стипендиите кои ги доделува Руската Федерација да престојуваат еден месец, еден семестар или цела учебна година на некој од престижните руски универзитети. Тоа е најдобар начин за напредување во усвојувањето на јазикот кој уште од почетокот е поставен на многу солидна основа благодарение и на родените говорители кои се вклучени во нашата настава. 

Кои други интересни и корисни можности им се нудат на студентите кои го изучуваат рускиот јазик?  

Во рамки на нашата интензивна меѓународна соработка спаѓаат и честите гостувања на професори од најдобрите универзитети во Русија или русисти од други земји. И покрај пандемијата и сите ограничувања кои ни ги донесе, нашите планирани гостувања се одржуваат според предвидената динамика, но во онлајн формат. 

Во зависност од интересите на студентите организираме и различни работилници, квизови и конкурси. Нивните идеи и иницијативи за дополнителни активности се секогаш добредојдени. На пример, квизот „Terra slavica“ во кој студентите се натпреваруваат во своите знаења од областа на словенските јазици, литература и култура; фото-конкурсот „Светот околу нас“ за кој студентите имаа задача да направат фотографија која ќе ја поткрепат со стихови од руската поезија; работилница за руското сликарство и примена на техниката батик и др. Оние кои својот интерес го насочуваат кон научно-истражувачката дејност имаат можност за вклучување во научни проекти, учество на славистички конференции или објавување на статии во научни списанија. 

Најновиот проект на кој работиме заедно со студентите е превод на помалку познати текстови на еден од најголемите руски писатели од XIX век - Ф. М. Достоевски, по повод јубилејот – 200 години од неговото раѓање. Преку овој вид активност студентите со помош на наставниот кадар навлегуваат во тајните на преводот и на конкретен материјал ги воочуваат и надминуваат тешкотиите кои настануваат во текот на овој творечки процес.

Она на што сме посебно горди е библиотечниот фонд кој брои повеќе од 20.000 книги и постојано се збогатува со нови прирачници, учебници, уметничка литература, а студентите ги обезбедуваме со пристап до електронски библиотечни бази кои се многу корисни, особено во моменталните пандемиски услови.

Сите заинтересирани подетални информации може да добијат на Катедрата за славистика или може да нè контактираат на Фејсбук и Инстаграм профил или преку и-мејлот: slavistika@flf.ukim.edu.mk. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња