Русија и Кина сакаат производство на најмалку 200 тешки цивилни хеликоптери

Ми-26.

Ми-26.

Слава Степанов/Gelio
Според договорот, за конструкцијата и производството на хеликоптерите одговара кинеската компанија, а руската страна се јавува како технолошки партнер.

Договорот за заедничкиот руско-кинески проект на тешкиот хеликоптер AHL (Advanced Heavy Lifter) веројатно ќе биде потпишан до крајот на 2017 година, а вкупниот обем на производството ќе биде најмалку 200 летала. Ова во четвртокот на прес-конференција во Шангај го соопшти директорот за меѓународна соработка и регионална политика на руската државна компанија „Ростех” Виктор Кладов.

„Планирано е производство на најмалку 200 тешки хеликоптери во Кина. Така го оценуваме пазарот. Тоа е минимумот. Хеликоптерите можеби ќе одат и за извоз“, соопшти тој.

Според Кладов, преговорите за потпишување на договор се при крај. „Се надеваме дека договорот ќе биде потпишан до крајот на годината“, изјави тој, додавајќи дека е можно тоа да биде одложено и за првиот квартал на следната година, пренесува ТАСС.

Кладов објасни дека во овој проект со Кина не станува збор за заеднички потфат, туку за технолошко партнерство во кое за конструкцијата и производството на хеликоптерите одговара кинеската компанија, а руската страна се јавува како технолошки партнер.  

Тој додаде дека некои делови и агрегатите за хеликоптерите ќе се увезуваат од Русија, но дека леталото ќе се произведува во Кина. „Нашите конструктори и инженери ќе учествуваат во проектот и во тестирањето и сертификацијата на хеликоптерот, но тоа ќе се прави врз основа на договорот“, заклучи тој.

Билатералната спогодба за производство на тежок цивилен хеликоптер е потпишана во јуни 2016 година при посетата на претседателот на Русија Владимир Путин на Кина. Во февруари 2017 година спогодбата беше потврдена од премиерот на Русија Дмитриј Медведев.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња