Руски маратонец го претрча Сахалин за 19 дена и постави светски рекорд

Заливот Анива и светилник на островот Сахалин.

Заливот Анива и светилник на островот Сахалин.

Lori/Legion-Media
Маршрутата од најсеверната до најјужната точка на рускиот остров долга 1200 километри Дмитриј Јерохин ја претрча за 19 дена, изгуби осум килограми, испи 140 литри вода и искина два пара патики.

Рускиот маратонец Дмитриј Ерохин соопшти на својот Фејсбук профил дека поставил светски рекорд така што го претрчал рускиот остров Сахалин во правец север-југ за 19 дена, пренесува сајтот „Далечен Исток“.

Тој стартувал од најсеверната точка на ’ртот Елизабета на 1 август и минатата сабота финиширал на крајниот југ и ’ртот Криљон.  Патот го водел низ беспаќе, реки и дивина во која мечките се вообичаена појава. Ерохин по пат се среќавал и разговарал со жителите на голем број сахалински градови и села и секогаш наидувал на истата реакција – восхит и зачуденост, особено со оглед на познатиот факт дека во северните краишта луѓето не одат поради мечките.

Иако тој првично имал намера да претрча илјада километри за 15 дена, на крај се покажало дека дистанцата е покомплицирана и подолга отколку што мислел и изнесува 1200 километри. За 19 дена тој изгубил осум килограми, испи 140 литри вода и искина два пара патики.

Како што тој вели, планира повторно да го претрча Сахалин во правец север-југ за да биде трчањето уште поинтересно и поефикасно, а потоа да се префрли на Курилските острови, кои ги има 56 на број во должина од 1200 километри – од најсеверниот остров Атласово до најјужниот Анучино.

На својот Фејсбук профил тој не ги крие храбрите планови за „продолжување“ на трката следејќи ја географската карта и од Сахалин и Курилските острови да „скокне“ на островот Хокаидо. А тоа се 726 километри од ’ртот на крајниот север Сој до најјужниот Шираками, порачува 37-годишниот Ерохин кој засега има истрчано 46 маратони и неколку ултрамаратони. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња