„Аерофлот“ повторно меѓу 20 најголеми авиокомпании во светот

Лидерот на рускиот авиопазар „Аерофлот“ се врати меѓу топ-20 најголеми авиокомпании во светот според изданието Airline Business, соопштува руската авиокомпанија.

Според резултатите од 2016 година, руската компанија се искачи на 18 место меѓу глобалните авиопревозници. На тој начин, „Аерофлот“ успеа да се врати во топ-20, од каде испадна пред речиси 30 години како резултат на распадот на советскиот авиогигант на 300 поситни компании.

„Аерофлот“ официјално се врати во светската елита на патничката авијација (...) Ова е зајакнување на статусот на Русија како голема авијациска држава“, изјави генералниот директор на компанијата Виталиј Савељев, пренесува „Известија“.

Како што се истакнува во соопштението, поставената цел за враќање на листата на најдобрите 20 е достигната поранои од предвидениот рок од неколку години - во стратегијата превозникот предвидуваше дека тоа може да се случи во 2025 година.

„Не попречија ниту  тешката ситуација во макроекономијата, ниту антируските санкции“, истакна заменикот-генерален директор за стратегија и сојузи Џорџо Калегари.

Според проценката на Airline Business, „Аерофлот“ се вратил во топ-20 и според еден друг индикатор - за превезени патници (RPK), заземајќи го 20 место како група компании и 17   место - без да биде земен предвид неговиот нискобуџетен авиопревозник „Победа“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња