Турција би можела да земе кредит од Русија за набавка на С-400

Турските власти преговараат со руското министерство за финансии за ова прашање.

Дел од средствата за купување на системот С-400 од Русија Турција најверојатно ќе го земе како кредит од Русија. Ова го соопшти генералниот директор на „Ростех“ Сергеј Чемезов.

„Завршено е разгледувањето на техничките прашања, но потребно е уште да се решат чисто административните прашања. Од една страна, одлуката треба да ја донесе владата на Турција, а од друга страна, тоа зависи од нас. Тука е и финансиското прашање: турските власти преговараат со нашето Министерство за финансии, некои средства самите ќе најдат, некои ќе ги добијат на заем“, изјави Чемезов на авиосаемот МАКС-2017, пренесува ТАСС.

Претходно помошникот на претседателот на Русија за прашања за военотехничка соработка Владимир Кожин соопшти дека договорот за испорака на С-400 на Туција е договорен, но дека прашањето за кредит сѐ уште не е решено.

Директорот за меѓународна соработка и регионална политика на државната корпорација „Ростех“  Виктор Кладов изјави за ТАСС дека Русија и Турција веќе ги договориле техничките параметри на договорот за испорака на системите С-400. Тој исто така истакна дека договорот не е потпишан и дека страните ги разгледуваат нетехничките аспекти на договорот. „Постојат комерцијални прашања, постојат монетарно-финансиски прашања, постојат политички прашања“, рече Кладов.

С-400 „Триумф” е противвоздушен ракетен систем со голем дострел, кој руската војска го прими во 2007 година. Наменет е за уништување на авијација, крстосувачки и балистички ракети, вклучувајќи и ракети со среде дострел, може да се применува и против објекти на копно. Во април заменик-командантот на Воздушно-космичките сили на Русија Виктор Гумени соопшти дека се произведени ракети за С-400 кои можат да уништуваат цели и во поблиската вселена.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња