На авиосаемот МАКС-2017 беше претставен најновиот руски систем за извидување на артилериски и ракетни позиции 1Л260-E, соопштува „Росијскаја газета“.
Овој систем е подобрена верзија на постојниот систем за артилериско извидување „Зоопарк“. Според траекториите на проектилите, гранатите или ракетите 1Л260-E ги пресметува координатите на орудијата и лансерите кои ги истрелале. Американските самоодни артилериски орудија M109А6 Paladin се откриваат на растојание од 23 километри, ракетните системи MLRS – на 45, а тактичкиот ракетен систем ATACMS – на 65 км. Рускиот систем ги гледа сите западни самоодни артилериски орудија и ракетни системи дури и ако тие истрелуваат од максималната можна далечина, а ATACMS е наменет за неутрализирање на цели во позадината на противникот, така што неговите лансери исто така се наоѓаат во видното поле на системот.
Основа на системот за артилериско извидување е трикоординатниот моноимпулсен радар со активна фазна решетка и набљудувачко поле од 90 степени по хоризонтала и 40 степени по вертикала. Радарот автоматски ја скенира зоната на одговорност, открива мини во лет, проектили, ракети (патем и летала), ги следи и истовремено ги пресметува траекториите. Добиените податоци во реално време одат до командното место на системот, а по потреба веднаш се пренесуваат до средствата за неутрализација кои работат во автоматски или полуавтоматски режим.
Бидејќи дострелот на руските САУ „Коалиција“, ракетниот систем „Смерч“ и тактичкиот систем „Точка-У“ е поголем од американските или НАТО-вските аналогни системи, лесно е да се покрие изворот на дејствувањето на артилеријата. Како и „Зоопарк“, 1Л260-E ја пресметува не само почетната, туку и крајната точка на траекторијата на проектилот во лет, затоа може да се користи и за коригирање на пријателскиот оган - со истата брзина и ефикасност.
Високите перформанси на радарот и компјутерски систем - до 70 позиции во минута, овозможува да се утврдат координатите на сите огнени средства на непријателот, дури и при масовен артилериски напад, да се дадат координатите на целите и да се уништат тие средства пред да ја напуштат позицијата. Самиот систем може да биде подготвен за дејство за пет минути и исто толку брзо ја напушта позицијата.
Радарот на модернизираниот „Зоопарк“ е мултифункционален – покрај мониторинг на артилеријата, тој е способен за управување со беспилотни летала и за контрола на воздушниот простор во зоната на одговорноста.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче