Трамп сака да изработи „општ пристап спрема Русија“

Една од целите на претстојното патување во странство на претседателот на САД Доналд Трамп е обидот да изработи „општ пристап спрема Русија“, изјави помошникот за национална безбедност на Трамп Херберт Мекмастер.

Според Мекмастер, Трамп сака односите меѓу Западот и Москва да бидат поконструктивни, но притоа е подготвен „да направи сѐ што е потребно за отпор на дестабилизирачкото однесување на Русија“, пренесува „Взгљад“.

„Нашиот претседател ни наложи во сите министерства и ресори да се зафатиме со три работи“, изјави тој.

Како прво, Трамп наложил „да се даде отпор на дестабилизирачкото однесување на Русија“. Како што објаснува Мекмастер, конкретно, станува збор за сајбер-заканите и „политичката субверзивна дејност“ за кои САД без основа ја обвинуваат Русија.

Како второ, САД се подготвуваат „да ја одвраќаат Русија“, за да спречат „војна меѓу големите држави“.

Како трето, Трамп сака министерствата на САД „да помагаат за соработка со Русија“, наоѓајќи сфери каде земјите можат да работат заедно. Според Мекмастер, „светот е преполн со проблеми“ кои Москва и Вашингтон можат заеднички да ги решаваат: ситуацијата околу Северна Кореја, борбата со транснационалните криминални организации и терористичката организација „Исламска држава“, сириското регулирање.

Помошникот на Трамп истакна дека за сите наведени прашања „се водат дискусии“ кои од американска страна „мошне умешно ги предводи државниот секретар Рекс Тилерсон“.

Мекмастер претходно ги потврди плановите за средба на Трамп со претседателот на Русија Владимир Путин на маргините на самитот на Г-20 во Хамбург, Германија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња