Лавров повикува САД да го почитуваат сирискиот суверенитет

САД треба да ги координираат со партнерите и официјален Дамаск своите дејствија за регулирање на сириската криза, изјави на заедничката прес-конференција на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на БРИКС министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

„Зоните на деескалација претставуваат една од можните варијанти за заедничко движење напред. Ги повикуваме сите да избегнуваат еднострани дејствија, да го почитуваат суверенитетот на Сирија и да се приклучат на нашата заедничка работа која е договорена со владата на Сирија“, истакна Лавров, пренесува РИА „Новости“.

Според него, сите земји треба да го почитуваат територијалниот интегритет на Сирија, како што е предвидено со резолуцијата на Советот за безбедност 2254 и другите документи на ООН.

Исто така, потенцира Лавров, сите треба да ги координираат со Дамаск операциите на територијата на земјата, „уште повеќе кога се работи за заземање на некакви територии во Сирија, вклучително и на територии кои можат да предизвикуваат прашања од гледна точна на вистинските намери на оние кои го вршат тоа заземање“.

Лавров потсети дека токму така постапуваат Русија, Иран и Турција кога предлагаат иницијативи во рамките на преговорите за Сирија во Астана.

Претходно на 18 јуни Министерството за одбрана на Сирија изјави дека коалицијата предводена од САД соборила авион на сириското воено воздухопловство на подрачјето на Рака. Инцидентот, според информациите на министерството, се случил за време на извршувањето на борбени задачи против милитантите на „Исламската држава“. Пилотот на авионот се води како исчезнат.

Според портпаролот на штабот на меѓународната коалиција предводена од САД која дејствува во Сирија и Ирак, сириски Су-22, кој бомбардирал позиции во близина на борците на „Силите на демократска Сирија“, бил соборен од американски F/A-18E „Супер Хорнет“.

Од коалицијата додадоа дека „не бараат конфликт со сирискиот режим, Русите или силите кои го поддржуваат режимот“, меѓутоа ќе ги штитат своите партнери, пренесува „Лента.ру“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња