„Комерсант“: САД и ЕУ ги кршат копјата околу Русија

Колумнистот на „Комерсант“ Максим Јусин ја коментира реакцијата на Германија и Австрија на засилувањето на американските санкции против Русија.

„Зигмар Габриел и Кристиан Керн ги обвинуваат американските законодавци за лобирање за интересите на сопствениот бизнис (нафта и гас), за обид да се истиснат руските испорачувачи на гас од европскиот пазар и за неприфатлив притисок врз европските компании кои учествуваат во проектот „Северен тек 2“. Закана за казнување на тие компании е „крајно негативен предизвик“ за односите на Европа и САД, убедени се германскиот министер и австрискиот канцелар. Покрај тоа, европските политичари предупредуваат: заканата за нови еднострани санкции од страна на Вашингтон против Москва ризикуваат „да ја намалат ефикасноста“ на заедничките напори на Западот за регулирање на конфликтот во Украина.

Заедничкиот демарш на Берлин и Виена заслужува внимание поради неколку причини.

Како прво, ниту еднаш високи функционери од земјите-членки на ЕУ не го критикувале толку остро курсот на американските политичари во однос на Русија.

Како второ, неформалниот лидер на ЕУ Германија и Австрија, која настапи во тандем со неа, фактички се вмешаа во внатрешнополитичката борба во САД, поддржувајќи ја позицијата на една од страните. Во наведениов случај – администрацијата на Трамп, која преку државниот секретар Рекс Тилерсон се обиде да ги предупреди сенаторите да не го прифаќаат документот во првичната форма, но не беше слушната. Затоа европските политичари во својата изјава изразија поддршка на „напорите на Стејт департментот, насочени кон промена на овој закон“.

Како трето, Москва доби сигнал кој дава надеж дека Германија (од која во прв ред зависи реализацијата на „Северен тек 2“ е подготвена да го брани – ако треба, дури и по цена на јавен конфликт со Сенатот на САД.

Како четврто, Европејците, огорчени поради низата последни одлуки на Вашингтон (и особено од излегувањето од Парискиот климатски договор), му даваат до знаење и на Доналд Трамп, и на Конгресот, дека немаат намера автоматски да ги поддржуваат сите нивни надворешнополитички иницијативи, туку дека ќе поаѓаат од сопствените интереси и принципи.

Сѐ на сѐ, во односите меѓу евроатлантските сојузници, се чини, настапува нова епоха. И руското прашање – неочекувано за многумина – стана еден од индикаторите на „пресвртницата“ што се наѕира“, заклучува во својата анализа Јусин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња