Путин: Русија ќе даде адекватен одговор на секој потег на НАТО

Владимир Путин изјави дека Русија ќе даде адекватен одговор на постапките на НАТО заради зачувување на стратешкиот баланс, трошејќи притоа малку средства кои нема да наштетат на ефикасноста.

Ова претседателот на Русија го изјави во филмот „Интервју со Путин“ на режисерот Оливер Стоун, кој беше прикажан на каналот „Шоутајм“.

„За Русија тука има две закани. Првата – тоа е распоредувањето на противракетите на НАТО во непосредна близина на нашите граници во источноевропските земји. Втората закана се состои во тоа што антиракетните лансирни системи за неколку часа можат да бидат повторно инсталирани како системи со офанзивни ракети“, изјави Путин, додавајќи дека во моментов Русија е практично опколена од ПРО.

„Всушност, тоа е уште една груба голема стратешка грешка на нашите партнери, затоа што на сите тие дејствија Русија ќе даде адекватен одговор, а тоа е значи ништо друго освен уште една трка за вооружување. Притоа нашиот одговор ќе биде многу поевтин. Тогаш ќе бидеме принудени да ги развиваме нашите офанзивни ракетни системи, способни да надминат секакви системи за противракетна одбрана. Техниката може да биде малку погруба, но ќе биде ефикасна. И ќе го задржиме таканаречениот стратешки баланс. Балансот е многу важна работа“, изјави рускиот лидер.

Путин исто така додаде дека излегувањето на САД од договорот за ПРО и изградбата на нов систем за ПРО претставува стратешка грешка на Вашингтон, но дијалогот во врска со тоа треба да биде продолжен.

Претходно Путин го нарече голема грешка обидот да се наруши нуклеарниот баланс во светот. Тој исто така изјави дека Русија никогаш не се меша во внатрешнополитичките процеси на другите земји. Според него, тоа претставува „еден од принципите на нашата работа“, пренесува „Лента.ру“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.