Медиум: Путин си ги грее рацете на опасниот оган што го запали Трамп

Политиката на новата американска администрација на Блискиот исток фактички ги јакне позициите на Русија, пишува „Ханделсблат“.

Американскиот претседател Доналд Трамп „разгорува опасен оган на Блискиот Исток“, а рускиот лидер Владимир Путин „не пропушта можност да си ги згрее рацете на тој оган“, правејќи од Русија една од пресудните сили во тој регион, пишува „Ханделсблат“.

Политиката на новата администрација во Белата куќа фактички ја зајакнува позицијата на Русија на Блискиот Исток. Рускиот претседател стана „главниот победник во глобалната политичка борба“, се вели во статијата што ја пренесува ИноТВ.

Изданието пишува дека ситуацијата за време на Трамп во голема мера се разликува од она што се случуваше во надворешната политика на САД за време на Обама. Сега Вашингтон веќе „жестоко се скара“ со Европа, „како и со арапскиот свет“. Истовремено Владимир Путин „ја презеде тактиката на Ангела Меркел“, која се состои во тоа „да почека и да ги пушти останатите сами да се договорат“.

Заедно со низа активни самостојни потези тоа ја стави Русија на водечките позиции во глобалната хиерархија, пишува изданието, предупредувајќи дека важноста на руската држава на меѓународната сцена ќе продолжи да расте, меѓу другото, благодарение на потезите на Трамп.

„Со својата политика Трамп фактички ги скара Арапите кои всушност сакаше да ги обедини против Иран, така што земјите од Персискиот залив се обединија против Катар, обвинувајќи го за поддршка на Иран и финансирање на терористи“, пишува изданието, наведувајќи дека новиот американски претседател ги поддржува оние кои се потпираат на војска, а не на дипломатија.

„Ханделсблат“ пишува дека сегашниот конфликт во Персискиот залив ги свртува кон Русија не само Катар кој, како што потсетува изданието, веќе обезбеди пакет акции во компанијата „Роснефт“. Руските енергетски концерни зазедоа силни позиции во Либија. Турција се сврте од Европа и ја смета Москва за партнер. Пријателските врски со Русија сака да ги задржи Иран, кој во Сирија заедно со Русија ги поддржува владините сили.

„Така Русија повторно стана една од решавачките сили на Блискиот Исток“, смета изданието.

„Денес за Путин можеме да кажеме, парафразирајќи ја латинската изрека, дека дојде, виде и победи“, заклучува „Ханделсблат“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња