Путин даде оценка за работата на неговото обезбедување

Претседателот на Русија Владимир Путин во интервју за американскиот режисер Оливер Стоун ја оцени работата на своите телохранители.

Путин истакна дека додека тој си ја врши својата работа, припадниците на безбедносните сили си ја вршат нивната и „до ден-денес сето тоа не го прават лошо“, пренесува „Взгљад“.

Стана збор за обезбедувањето при дискусијата за атентатите врз државни раководители. Стоун забележа дека, според неговите информации, врз Путин имало најмалку пет обиди за атентат. Истовремено, истакна тој, Фидел Кастро се обиделе да го ликвидираат „педесетина пати“.

Путин призна дека дискутирал на таа тема со Фидел. „И тој мене ми рече: „Знаеш зошто сум жив?“ Јас му реков: „Зошто?“ – „Затоа што со својата безбедност секогаш се занимавав лично“, раскажа претседателот на Русија.

На прашањето на Стоун дали претседателот му верува на своето обезбедување, Путин одговори потврдно.

Режисерот истакна дека организаторите на атентатите секогаш се стремат да се инфилтрираат пред сѐ во обезбедувањето. Путин одговори дека го знае тоа. „Знаете како вели нашиот народ? Кај нас велат вака: кому му е судено да биде обесен, тој нема да потоне“, додаде шефот на руската држава.

На прашањето да прецизира што му е судено лично на Путин, рускиот лидер одговори: „Само на Господ му се познати нашите судбини, и вашата, и мојата“.

Стоун призна дека би сакал да умре во сопствената постела. „Некогаш со секој од нас ќе се случи тоа. Прашањето е што ќе направиме на оваа привремена земја, дали ќе добиеме задоволство од животот“, одговори на тоа Путин.

Интервјуто на Стоун со Путин ќе биде прикажано како документарен филм од 12-15 јуни.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.