Путин: Русија не очекуваше ништо посебно од Трамп

Русија ја разбира политичката ситуација во САД и влијанието на таа состојба врз политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави шефот на руската држава Владимир Путин.

„Ние ништо и не очекувавме, ништо посебно (од администрацијата на Трамп)“, изјави Путин за францускиот весник „Фигаро“.

Тој потсети на изјавите на Трамп, кој имаше намера „да ги нормализира руско-американските односи“. Притоа Путин истакна дека Русија ја „разбира и гледа“ внатрешнополитичката ситуација во САД, каде партијата-губитник изборите одбива да се смири и ја користи „антируската карта под измислени изговори“.

„Нека спорат меѓу себе, нека се караат и докажуваат кој е посупер, кој е подобар, кој е попаметен, кој е посигурен и кој подобро ја формулира политика за земјата - зошто тука да инволвираат трети земји? Тоа е многу вознемирувачки. Но, и тоа ќе помине: сè минува - и тоа ќе помине“, изјави Путин.

Според него, губитниците се обидуваат „да си објасни себеси и на другите да им докажат“ дека “некој од страна ги измамил и ги надиграл“.

„Луѓето, кои ги загубија изборите, никако не сакаат да признаат дека тие навистина загубија, дека оној кој победи се покажа поблизок до луѓето, тој подобро сфати што сакат луѓето, обичните гласачи“, рече Путин.

Кога страната-губитник ќе го признае тоа, „ќе ни биде полесно да работиме“, додава рускиот претседател.

Така што Русија „никаде не брза“, истакнува Путин, изразувајќи надеж дека порано или подоцна односите меѓу двете земји ќе се нормализираат.

Путин потсетува дека имал можност да работи не со еден претседател на САД, но нивните промени не повлекуваат со себе промени во американската политика, бидејќи таму има „силна власт на бирократијата“. Како пример, тој потсети дека Барак Обама не успеа да ја реализира намерата да го затвори затворот во Гвантанамо, каде „луѓе одат во пранги веќе со децении без судење и истрага“.

Рускиот претседател истакна дека за такво нешто Франција или Русија „уште одамна би изеле сосе коски“.

Сепак, тој изразува „воздржан оптимизам“, велејќи дека за клучните прашања Русија и САД „можат и треба да се договараат“, пренесува „Взгљад“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња