Медиуми: Зетот на Трамп не предлагал таен канал за врска со Русија

Зетот на Трамп не нудел создавање „таен канал за врска со Русија“ на средбата со рускиот амбасадор во Вашингтон, соопштува „Фокс Њуз“.

Зетот на американскиот лидер Џаред Кушнер на средбата со рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак не предлагал создавање таен канал за врска меѓу Москва и администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп, пренесува телевизијата „Фокс Њуз“ повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата.

Според изворот, главна тема на средбата меѓу Кушнер и Кисљак била Сирија. Во текот на средбата „Русите, а не Кушнер, ја истакнале идејата за користење на тајна линија“ меѓу администрацијата на Трамп и Русија, тврди телевизијата. Идејата за постојан канал за пренесување тајни информации никогаш не била дискутирана, се разговарало само за еднократни случаи за повици поврзани со Сирија.

Покрај тоа, изворот соопшти дека тема на средбата било „тврдењето на Русија дека политиката на администрацијата на Обама спрема Сирија беше погрешна“.

Подоцна „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на неименувани претставници на американските власти соопшти дека во декември 2016 година Кушнер се сретнал со првиот човек на „Внешекономбанк“ Сергеј Горков за да воспостави „директна линија за врска“ со претседателот Владимир Путин. Според информациите на весникот, ФБИ и Конгресот на САД во моментов се обидуваат да утврдат што всушност дискутирале Кушнер и Горков на средбата.

Москва ги нарече апсурдни соопштенијата за создавање таен канал за врска меѓу Москва и Вашингтон, пишува РИА „Новости“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња