Захарова: Русите да размислат двапати пред да патуваат во Црна Гора

Изјавите на властите на Црна Гора дека Москва, наводно, се мешала во внатрешните работи на земјата, се со цел да се оцрни Русија, изјави портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

„Ги сметаме емитуваната од официјална Подгорица приказна за „државен удар“ и наводната вмешаност на Москва во оваа афера за очигледен пример на дезинформација која има за цел да ја дискредитира Русија, да ги настрои црногорските граѓани против братскиот руски народ, да ги прикрие антидемократските методи на Подгорица за вовлекување на земјата во НАТО преку заобиколување на мислењето на граѓаните“, се вели во изјавата на Захарова објавена на сајтот на МНР на Русија.

Захарова истакнува дека државната елита во Црна Гора често дејствува не според законот. Во такви услови руските граѓани и претприемачи ризикуваат да се најдат под притисок на црногорските власти и да се соочат со закани и провокации.

„Во услови кога во Црна Гора продолжува пумпањето на антируската хистерија проследено со целокупно назадување на билатералните односи, принудени сме да им препорачаме на руските граѓани двапати да размислат пред да патуваат во оваа земја“, изјави портпаролот на рускиот дипломатски ресор.

Покрај тоа, таа потсети дека Русија го задржува правото да презема возвратни мерки на дејствијата на црногорските власти врз основа на реципроцитет, што е дел од дипломатската пракса, пренесува RT.

Денеска Министерството за надворешни работи на Црна Гора му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Црна Гора Сергеј Грицај во врска со приведувањето  на московскиот аеродром Домодедово на пратеникот од  владејачката Демократска партија на социјалистите Миодраг Вуковиќ, соопшти прес-службата на владата на Црна Гора.

„Пратеникот Вуковиќ не беше приведен, туку беше депортиран, затоа што се наоѓаше на листата со санкции на Руската Федерација, воведена како одговор на едностраното присоединување на Црна Гора на санкциите против руски физички и правни лица“, соопшти потпаролот на руската амбасада во Подгорица Елизавета Борисова, пренесува ТАСС.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња