Црна Гора ја обвинува Москва за мешање во внатрешните работи на земјата

Министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ изјави дека Русија „силно се мешаше во внатрешните работи“ на земјата и се обидела да ја спречи намерата на властите на републиката да се зачленат во Северноатлантската алијанса, соопшти Радио-телевизија Црна Гора.

Црна Гора минатиот четврток првпат учествуваше во самитот на НАТО по ратификацијата на спогодбата за зачленување од страна на сите земји-членки на Северноатлантската алијанса пред конечната процедура за добивање на членството на 5 јуни.

„Русија отворено се мешаше во нашите внатрешнополитички прашања на што ние, се разбира, гледавме без одобрување. Русија последниве две-три години спроведува политика на сфери на интерес и се залага против проширување на НАТО. Ние решивме своите основни цели да ги дефинираме сами и бевме изненадени колку силно Русија се мешаше и, се разбира, ние се одбранивме“, изјави Дармановиќ, пренесува РИА „Новости“.

„Нашето членство во НАТО не е насочено против било кого, вклучително и против Русија. Но, се разбира, ние не можеме да се согласиме некој трет да решава каде да бидеме. Ние имаме стопански односи со Русија, која не е нашиот главен економски партнер, спаѓа меѓу првите десет. Ние имавме и сѐ уште имаме доволно многу туристи од Русија, а руските инвестиции во нашата економија се покажаа неефективни“, изјави шефот на црногорската дипломатија.

Минатиот понеделник Дармановиќ изјави дека неговата земја не гледа во Русија „пример за демократски систем“ и дека Москва се обидува „да му попречи и да го ослаби НАТО и да ја подели ЕУ“, вклучително и на Балканот.

Портпаролот на МНР на Русија Марија Захарова одговори на обвинувањата на црногорскиот министер:

„МНР во повеќе наврати ги коментираше многубројните изјави на црногорските политичари за наводната руска закана, мешање во внатрешните работи итн. Сето тоа беше потребно за оправдување на зачленувањето во НАТО пред сопственото население“.

Според Захарова, црногорскиот народ „не изгоре по идејата“ за влегување на државата во НАТО, пренесува „Националнаја служба новостеј“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња