Захарова со коментар на бугарската реакција за „кирилицата од Македонија“

Марија Захарова од МНР на РФ даде свој коментар на хистеријата која настана вчера во Бугарија по повод изјавата на претседателот на Русија Владимир Путин дека „кирилицата дошла од Македонија“.

На денешниот брифинг за новинарите, портпаролот на МНР на Русија Марија Захарова беше запрашана за коментар во врска со бранот хистерија во Бугарија по повод изјавите на претседателот на Македонија Ѓ. Иванов кои тој ги даде во текот на неговиот престој во Русија.

Захарова одговори дека „колку што разбирам, станува збор за изјавите кои беа дадени во врска со прашањето за словенската писменост. Би ги оценила тие публикации (ги видов денеска на интернет) и изјави како апсолутно неосновани. Можно е да настанало недоразбирање околу она за што се работеше. Навистина, во текот на престојот во Русија на претседателот на Македонија Ѓ. Иванов за учество во церемонијата на врачување се слушаа изјави на наведената тема.

Никој во Русија не се обидува да го одрекува придонесот на Првото бугарско царство во работата за создавање на словенската писменост – тоа би противречело на историските факти. Во наведениов случај се работи за „македонските земји“ како за географски поим. Уште во времето на Римската империја регионот каде потоа се родиле и работеле Св. Кирил и Методиј се именувал како Македонија. Тука сѐ треба да биде максимално јасно и разбирливо.

Убедени сме дека таквиот светол празник како што е 24 мај – Денот на словенската писменост – треба да придонесува за зближување на нашите народи кои заедно ги почитуваат Св. Кирил и Методиј, а не да биде причина за конфликт. Згора на тоа тој не треба да биде повод за такви вештачки напумпани страсти. Овој скандал што вештачки се разгорува, кој може при „правилна обработка“ да внесе елементи на напрегнатост во руско-бугарските односи, до што, се надевам, нема да дојде, тешко дека ќе биде од полза на нашите земји. Ќе повторам, можно е сето тоа да било погрешно протолкувано и пренесено. Не сакам да се навраќам во изворите од кои почна оваа приказна. Нашата позиција за ова прашање е јасно изложена. Сметаме дека би било подобро да се фокусираме на разгледување на актуелните прашања од билатералната соработка, а не да бараме поводи за конфронтација онаму каде што ги нема“, заклучи Захарова во својот одговор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња