Бугарија се навреди од зборовите на Путин за потеклото на кирилицата

Изјавата на Владимир Путин, која тој ја даде на средбата со македонскиот претседател Иванов, дека азбуката на Словените дошла во Русија од Македонија, на наиде на добар прием во Бугарија.

Голем број бугарски министри и дипломати го осудија рускиот претседател Владимир Путин за изјавата на средбата со неговиот македонски колега Ѓорѓе Иванов на 24 мај – Денот на Словенската писменост – дека кирилицата дошла од Македонија.

„Словенската азбука и литература ни дојдоа од македонска почва“, му рече Путин на Иванов во текот на посетата на македонскиот претседател на Москва.

Иванов изрази благодарност до словенските просветители и светци, браќата Кирил и Методиј, основачите на глаголицата која служеше како основа за кирилицата, и ги нарече „нашите духовни учители“.

Бугарија, која исто така го слави денот како Денот на Бугарското образование, култура и словенската азбука, не се согласува со ваквото читање на историјата.

„Ова не е само наш празник и кириличното писмо е споделено. Но треба да се знае дека ние се сеќаваме на нашата историја и дека сме горди на неа“, напиша на „Фејсбук“ бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Заменик-премиерот и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов – националист и автор на неколку книги за Македонија, земја на која бугарските националисти одамна претендираат, го обвини Путин за погрешно толкување на историјата.

„Изненаден сум што претседателот на најголемата словенска земја не е запознаен со историјата на словенските народи. Русија, која зборува за словенство и за православие, не ја познава историјата“, изјави Каракачанов за НОВА ТВ во четвртокот.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов беше поблаг во реакцијата, велејќи дека расправиите за далечното минато за да се утврди „кој од каде дошол да ја донесе азбуката“ не е „европски пристап“.

„Европскиот начин е да се каже дека благодарение на светите браќа Кирил и Методиј ... речиси 300 милиони читаат и пишуваат (на кирилица) и ја збогатуваат европската култура“, изјави Борисов.

Илијан Василев, поранешен бугарски амбасадор во Москва, го обвини Путин за „играње со Србија и Македонија“ со цел да се зголеми притисокот врз Софија.

„Кога Путин зборува за историјата на овој начин, ова значи тековна политика која лежи на руските империјални традиции“, напиша тој за „Бугарија Аналитика“.

Поранешен бугарски амбасадор во Македонија исто така искажа лутина на „Фејсбук“, нарекувајќи ја изјавата на Путин „провокација против Бугарија“.

Кирилицата, која потекнува од 9 век, се користи во делови од Источна Европа и Северна и Централна Азија. Се користи во Србија, Македонија, Црна Гора, Бугарија, Република Српска, Русија, Украина, Белорусија, како и од страна на големата руска дијаспора во другите поранешни советски републики, пишува „Балкан Инсајт“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња