Патроните на Европа: Кирил и Методиј

Колаж: Иван Николаев.

Колаж: Иван Николаев.

Кириличното писмо, аманетот на Светите браќа Кирил и Методиј, во овој глобализиран свет е под налетот на ентузијазмот за европеизацијата и тажната желба да се биде некој друг, поинаков и „покултурен“, до толку што некои почнуваат да се срамат од кириличното писмо, небаре тоа е „доказ“ за назадност и не-европејство.

Станува збор за луѓе кои недвојбено постоеле, кои го задолжиле човештвото и ја збогатиле европската и светската цивилизација

Месецот мај измина, ама морам да се завртам назад и тоа со добар повод. Денот на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, отсекогаш бил мој празник, ден кој сум го прославувала од првоодделенка до студентка, а со години и како професор на мојата alma mater, на универзитетот кој го носи нивното име. Имено, со децении, уште во бившата држава, ова беше празник кој го чествуваа сите учесници на образовниот процес, ученици и наставници, но не и државен празник. Требаше да мине извесно време по стекнувањето на независноста за да конечно почне да се прославува погласно од порано. Но, по продорот на либералните ветришта, името на мојот универзитет беше малку изменето со додавање на зборот „светите“. Точно е, тие двајца се прогласени за светци, или поточно како еднакви со Апостолите, иако според мене е чудно, па и непримерено, универзитет во демократско и секуларно општество да носи име на светци. Но, без оглед дали сме верници или не, ќе се сложиме дека станува збор за луѓе кои недвојбено постоеле, кои го задолжиле човештвото и ја збогатиле европската и светската цивилизација - не со чуда запишани во свети книги, туку со ширење на писменоста и културата. Со нивното дело денес се гордеат многу словенски народи (држави), кои со право можат да кажат дека во европското културно наследство додале нешто многу вредно, цивилизациски дар - азбука (глаголицата, а потоа и кирилицата). Далеку поважни се, секако, делата создавани со помош на различните варијанти на кирилицата, кои со малку напор можеме да ги читаме и во оригинал - од делата на Толстој до „Т’га за југ“ од Миладинов. Или, како што тоа убаво го вели македонскиот посател Венко Андоновски, дарот може да се открие во „светата природа на буквите, нивната несфатлива моќ да бидат нешто друго и поинакво одошто се (знаци за еден определен глас), со други зборови - да бидат свети фигури на еден сакрален свет...“ Тој сакрален свет е оној духовниот, кој се артикулира и пренесува на другите, кој поврзува и приближува не само народи, туку и човечки суштества.

На што можеше да се забележи по социјалните мрежи беше доминација на верското разбирање на 24 Мај како религиозен празник, но и национален

Оваа година повторно го одбележавме празникот, за нас во Македонија од неодамна државен празник, а во други земји уште од многу поодамна (на пример, во Русија, односно поранешниот СССР, од 1987 година). Прославата скромна, главно врзана за универзитетот, но и засенета од вообичаените балкански настани. Она што можеше да се забележи по социјалните мрежи беше доминација на верското разбирање на 24 Мај како религиозен празник, но и национален (притоа, честитките и поздравите напишани со огромен број правописни и граматички грешки). За жал, најтемна дамка на чествувањето беше атакот врз музејот на албанската азбука во Битола, кој остана демолиран од непознати напаѓачи. На денот кога Македонците ја славеа својата писменот, на некои примитивци им пречеше писменоста и историската меморија на Другите (во случајов, Албанците). Така, во идентитетскиот конфликт беа вклучени и извалкани јазикот и писмото, кои очигледно се’ повеќе стануваат инструмент на себепрепознавање, ама и на диференцирање од Другиот. Македонците вообичаено овој празник го врзуваат за својата „национална“ големина, иако времето во кое живееле и дејствувале солунските браќа не познавало нации - ни македонска, ни бугарска, ни грчка. На „битката“ околу чествувањето на Кирил и Методиј во Рим која со години се води помеѓу Македонија и Бугарија, сега им се придружи и Грција која се сети дека браќата потекнувале од Солун. За жал, наместо причина за заедничка гордост и претставување на Балканот како нималку културно инфериорен дел од Европа, сведоци сме на (уште еден) класичен балкански спор околу историските наративи, историските личности, но и идентитетите.

Она што за генерации во минатото беше основа на идентитетот (оличено во словенството, јазикот и писмото) почна да се судира или дури и отстапува пред налетот на новокомпонираната историја 

Во сенка на оваа битка да се докаже „чии се“ навистина сесловенските просветители, колатерална жртва се токму писменоста и јазикот, но и општата култура. Од една страна, видлива е деградацијата на литературниот јазик и правописот, особено кај помладата генерација, а уште пожално е кога тој „осакатен“ јазик е проследен со огромна доза на емоции, на гнев и патриотска гордост за да се изрази национализмот. Ова, во македонскиот случај, добива бизарна форма, особено откако започна системскиот инжињеринг на градење нација преку всадување на наративот за античките корени. Така, она што за генерации во минатото беше основа на идентитетот (оличено во словенството, јазикот и писмото) почна да се судира или дури и отстапува пред налетот на новокомпонираната историја. Резултатот веќе се гледа во новите збунети генерации, кои се трудат да ги спојат приказните за освојување на светот со македонските фаланги и оние за словенството и просветителската мисија на браќата Кирил и Методиј. Оттука, прославата на 24 Мај во Македонија минува доста скромно и безидејно, за разлика од фестивалот на бројни и најразлични културни настани кои секоја година можат да се доживеат во Москва и во многу други руски градови. За жал, Македонија како да се откажува од своето најмоќно „оружје“ - оличено во делата на уметноста и културата - сакајќи да се претстави себе си во бронза и споменици.

Некои почнуваат да се срамат од кириличното писмо, небаре тоа е „доказ“ за назадност и не-европејство

Влијанието на глобалните ветришта е силно, а тие дуваат главно од запад кон исток. Под тој налет и јазиците и писмата се допираат, па и менуваат. Се сеќавам како мојата најстара ќерка ја научи кирилицата од класичните играчки, коцките со букви и бројки. Но, единаесет години подоцна, во средината на 90-те години, најмалата ќерка се описмени на тастатурата на компјутерот симултано на две азбуки: додека типкаше по тастатурата на која беа одбележани латиничните букви, на мониторот се гледаа кириличните. Таа денес подеднакво добро ги владее и македонскиот и англискиот јазик. И тука нема ништо лошо. Најлошото е да се остане на половина пат, па ниту еден јазик да не се владее како што треба. Што се однесува до мајчиниот јазик, жално е ако тој се заборави и замени со туѓ, колку и да е овој другиот корисен и во широка употреба. Има и средишни примери, како оној на независна Црна Гора, која како основа на својата писменост ја зема латиничната азбука. Можеби во надеж дека тоа ја покажува во поевропска светлина... Но, не е само овој случај. Познавам голем број интелектуалци и јавни личности од соседните земји (Србија, на пример) кои велат дека ја заборавиле кирилицата. Под налетот на ентузијазмот за европеизацијата и тажната желба да се биде некој Друг, поинаков и „покултурен“, некои почнуваат да се срамат од кириличното писмо, небаре тоа е „доказ“ за назадност и не-европејство. Иако причините за тоа се длабоки и крвави, можеби еден од најтажните примери на овие простори е оној на Вуковар, каде се води своевидна битка против воведувањето на службената употреба на српскиот јазик и кириличната азбука во јавниот живот. Тука „светите фигури на еден сакрален свет“ се поистоветуваат со злосторства, небаре оние кои убиваа и уриваа беа пример на писмени и културни луѓе, или божем кирилицата е виновна за злото.

Кирилицата го има капацитетот да продолжи да не' обединува, да гради мостови помеѓу народите и културите

Многу нации негуваат иста изрека, а убедени се дека таа е исклучиво врзана за нив: јазикот е нашата татковина! На Балканот, а и пошироко во „словенскиот свет“, јазиците се блиски и испреплетени, понекогаш дури и нациите се поделени со ист јазик, односно неговите варијанти. Нарцисоидноста на малите разлики е се уште присутна, а само малкумина имаат добра мисла, доблест и храброст да не се обѕираат на малите разлики. Еден таков пример, кон крајот на мај, ни го пренесе младиот македонски поет и концептуален уметник, Митко Гогов. Тој проговори за моќта и убавината на поетското дружење на луѓе од регионот кои создадоа своевиден „кирилски круг“ - круг на луѓе (како што убаво кажа Гогов) „зборуваат на сопствениот јазик, од различни држави, а сепак се разбираат меѓусебно. Кирилицата го има капацитетот да продолжи да не' обединува, да гради мостови помеѓу народите и културите кои се' уште го користат.“ И тука некаде се затвора кругот, кој го зацртаа браќата Кирил и Методиј, а во кој не сме заробени, туку сме здружени и збогатени од споделување на сличностите и разликите.

Текстовите во рубриката „Блогови“ се став на авторот и не секогаш ја одразуваат позицијата на редакцијата на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња