Во Русија се одбележува Денот на словенската писменост и култура

Денеска во Русија и во уште 12 земји во светот се одбележува Денот на словенската писменост и култура.

Во Институтот за руски јазик по 18 пат беа отворени Кирило-Методиевските читања. Три дена научниците – лингвисти, културолози и експерти за религија – ќе дискутираат за историските аспекти и културните перспективи, утврдени од создавачите на словенската азбука уште во IX век.

Секоја година манифестацијата се концентрира на една земја-гостин. Годинава тоа е Македонија со својата култура.

„Во Македонија има многу голем интерес за рускиот јазик [...] Кај нас во Русија македонскиот јазик е крајно редок јазик. Ние би сакале со помош на овие читања да го привлечеме вниманието кон овој јазик, да го направиме наведениот интерес балансиран“, истакнува проректорот за наука на Државниот институт за руски јазик „А.С. Пушкин“, д-р Михаил Осадчиј.

Во читањата учествуваат претставници на разни земји. Интересот за наследството на Св. Кирил и Методиј е она што ги обединува сите.

Денот на сеќавање на светите браќа Кирил и Методиј во Русија во XIX век бил црковен празник. Од 1991 година Денот на словенската писменост добива статус на државен празник.

Во Москва секоја година се одржува грандиозен гала концерт на Црвениот плоштад, пишува ТВ „Култура“.


 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња