„Еден појас, еден пат“: Првиот воз од Кина замина за Белорусија

Од Кина за Белорусија се упати првиот товарен воз преку директната железничка линија со која пристаништето Јантиан, едно од трите најголеми во градот Шенжен, ќе биде поврзано со Минск.

Новата железничка пруга со должина од 9,9 илјади километри е замислена како еден од најважните транспортни коридори меѓу Кина и Европа, пишува порталот „Взгљад“.

Првиот воз за Белорусија вози 41 контејнер со кинеска роба – од мобилни телефони до резервни делови за автомобили, а патувањето ќе трае околу две недели, пренесуваат руските медиуми повикувајќи се на весникот „Саут Чајна Морнинг Пост“.

Во кинескиот град Ганжу во источната покраина Ѓангси преку новата железничка рута од Русија на 24 април пристигна првиот товарен воз, додека малку порано, на 11 април новиот товарен воз почна да сообраќа меѓу јужнокинеската покраина Гуандонг и Калушката област. 

Покрај тоа, во Лондон првпат пристигна и кинескиот товарен воз кој помина низ Русија.

Сѐ повеќе кинески градови во рамките на стратегијата „Еден појас, еден пат“ отвораат директни железнички линии со европските градови заради превоз на роба, потсетуваат руските медиуми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња