Реакција на амбасадата на РФ во врска со обвинувањата на „Сандеј тајмс“

Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија вчера излезе со реакција поврзана со написите во британскиот весник „Сандеј тајмс“, а кој делумно беше пренесен и од порталот ПлусИнфо.

По повод пишувањата на британскиот весник „Сандеј тајмс“, амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија излезе со реакција.

„Неодамна многумина не веруваа дека активната инволвираност на британските медиуми во информативни војни може да ги поткопа темелите на традиционално силното британско новинарство. Но, сега одговорот е повеќе од очигледен: квалитетот на британското новинарство неповратно деградира. Најнова потврда за тоа се низата написи за Македонија објавени на 30 април, на 2 и на 7 мај во весникот 'Сандеј тајмс'“, се вели во јавната реакција.

„Во тие текстови потпишани од Бојан Панчевски со ударни наслови за наводно мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија е собрана толку силна концентрација на занемарување на фактите, толку болен стремеж кон подметнувања и отворени лаги што целиот овој делириум веќе не може да се нарече производ на професионално новинарство. Многу е жално што стандардите на британските медиуми денес паднаа толку ниско што дури еден од најстарите весници во Англија 'Сандеј тајмс' сега мора да објавува олку евтини пропагандистички фејкови“, се наведува во реакцијата на амбасадата.

„Безнадежно и бесмислено е да се демантираат сите овие лапсуси и фејкови на оваа 'бондијана' кадешто бујната фантазија на авторот и на неговите 'извори' нема ништо заедничко со фактите и реалноста“, се додава во реакцијата.

„За што сериозно може да се дискутира со 'експерт' кој со цел памет тргнува да пишува за ситуацијата во Македонија, а не ги ни знае резултатите од предвремените парламентарни избори одржани во декември 2016 година? За што може да се разговара со 'аналитичар' кој актуелната македонска влада ја нарекува 'промосковска' и истовремено тврди дека 'Русите вршат директен притисок врз владата на Македонија со цел да ја пренасочи кон Москва'. Каде е логиката или барем елементарната здрава смисла?“, се прашуваат од амбасадата.

„Нив ги нема, како што нема и критичка анализа на политичките и на други последици за Македонија од грубото и противзаконско мешање на западната дипломатија во внатрешните работи на оваа земја која стана објект на бескрупулозен притисок, уцени и закани од страна на Брисел, Вашингтон и Лондон кои се прогласија себеси за 'стожери на демократијата'. Но, затоа во изобилство е присутен стремежот на западните земји и на новинарите што се во нивна служба, да ја префрлат врз Русија одговорноста за хаосот и меѓуетничките тензии што во Македонија и во целиот регион ги создава самиот Запад. Како на крајот на краиштата ќе заврши оваа уште една авантура на Западот на Балканот, засега тешко е да се каже. Јасно е едно: 'Сандеј тајмс' и понатаму неуморно ќе измислува постојано нови поводи за разобличување на 'плановите на Кремљ', а добро штелуваната машинерија за производство на русофобни фејкови во Лондон ќе продолжи да работи без прекин“, утврдува реакцијата што беше објавена вчера од страна на амбасадата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња