Ердоган ја повика Русија итно да ги укине сите трговски ограничувања

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ја повика Русија да ги укине сите трговски органичувања спрема Турција заради подобрување на односите во таа сфера.

Ова Ердоган го изјави во Анкара пред да полета за Сочи, каде денеска ќе има средба со претседателот на Русија Владимир Путин.

„Ако сакаме да постигнеме трговска размена од 100 милијарди долари, тогаш треба итно и целосно да ги укинеме сите тие ограничувања“, изјави Ердоган.

Турскиот претседател го смета ембаргото на прехранбени производи за „најголема пречка“ за ефикасниот развој на трговските односи. „Овие ограничувања претставуваат најголема пречка за успешен развој на нашата економска соработка со РФ. Претходно нашите министри дискутираа на темата укинување на санкциите, јас со Путин ќе го дискутирам тоа“, изјави тој, истакнувајќи дека Турција се „стреми да ја балансира трговско-економската соработка со РФ“ поради тоа што увозно-извозниот баланс сѐ уште е во полза на Русија. Според мислењето на Ердоган, „неопходно е да се укинат и визните ограничувања“.

На крајот на април вицепремиерот на Русија Аркадиј Дворкович изјави дека владата не ја разгледува можноста за укинување на прехранбеното ембарго против Турција и земјите од ЕУ. Притоа Дворкович не можеше да потврди дека санкциите ќе бидат вечни.

Според извештајот на експертите од Институтот „Гајдар“ и Руската академија на народно стопанство и државна служба, трговските разногласија со Турција нанесоа штета на извозот на жито, масло и шеќерната индустрија во износ од 1,3-1,5 милијарди долари. Исто така, настрадаа и руските потрошувачи, кои останаа без можноста да купуваат, меѓу другото, и евтини турски домати, пишува „Комерсант“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.