Путин: Русија и Турција повторно на патот на партнерска соработка

Претседателот на Русија смета дека по разговорот со неговиот турски колега во Москва односите меѓу двете земји се повторно на патот на партнерската соработка на редица полиња.

„Потенцирам дека ние ја третираме Турција како наш најважен партнер. Расположени сме да поддржиме интензивен политички дијалог на највисоко ниво“, изјави рускиот претседател Владимир Путин по преговорите со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.

Путин истакна дека е повторно придвижена работата на главните билатерални механизми, меѓу другото на заедничката група за стратешко планирање, меѓувладината комисија за економска соработка и јавниот форум, а обновени се и контактите во рамките на министерствата и парламентите и регионалните власти.

Путин ги наброја темите за кои се дискутирало во текот на средбата и истакна дека се утврдени целите и задачите на заедничката работа, разгледани се стратешките аспекти на развојот на билатералните односи, соработката на меѓународната сцена, како и решенијата за глобалните и регионалните проблеми.

Разговарано е и за ситуацијата во Сирија, во која примирјето генерално се почитува благодарение на координацијата на активностите на Русија, Турција и Иран. Москва и Анкара се договорија за продолжување на активната соработка во борбата против тероризмот, пред сѐ против ИД.

Претседателот на РФ високо ја оцени соработката меѓу руските и турските специјални служби, опишувајќи ја како „исклучителна“, и додаде дека ќе биде проширена.

Путин изрази надеж дека едниот од најважните аспекти на руско-турската соработка, изградбата на првата турска нуклеарна централа „Акују“, во иднина ќе добие статус на стратешка инвестиција.

Тој исто така потврди и дека „Гаспром“ планира да ја почне изградбата на гасоводот „Турски тек“ веќе годинава.

Сепак, минатата година трговската размена меѓу Русија и Турција опаднала за 32 отсто. „Таквата ситуација, се разбира, не ѝ одговара ниту на руската, ниту на турската страна“, изјави Путин.

На преговорите е разгледуван уште еден важен проблем – осигурувањето на безбедноста на руските туристи во Турција, а на надлежните министерства им е наложено, како што нагласи Путин, да се позанимаваат со тоа прашање, пренесува РИА „Новости“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња