„Ноќни волци“: Ќе нѐ има 10 илјади во Берлин

„Нашата главна цел е да ги посетиме гробовите на советските војници. Затоа што тоа директно се однесува на секој од нас“, објасни лидерот на „Ноќните волци“ Александар Залдостанов-Хирург.

На руските учесници во мото-дефилето Москва-Берлин, организирано од мотоклубот „Ноќни волци“ и посветено на 72-годишнината од крајот на Втората светска војна, не им беше дозволено да влезат во Полска. Засега границата ја поминаа само моторџиите од европскиот и белорускиот огранок. Меѓутоа, „Ноќните волци“ се убедени дека ќе најдат начин да стигнат до Берлин на 9 мај. Според организаторот на акцијата, бројот на учесници е значително поголем од минатата година и достигнува 10 илјади.

Мото-кросот „Патиштата на Победата – на Берлин!“ почна на 27 април во Москва. Моторџиите веќе ги посетија спомен-местата во Смоленск, Катин, Минск, Хатин и понатаму планираат да престојуваат во Варшава, Вроцлав, Будимпешта, Братислава, Прага и Дрезден, а на 9 мај да стигнат во Берлин. „Ноќните волци“ носат во Берлин писма од ветераните на Големата татковинска војна од различни региони на Русија упатени до европските ветерани, како и списоци со имињата на учесниците во Парадата на Победата на 24 јуни 1945 година, пишува RT.

Како што за RT изјави координаторот на дефилето Евгениј Строгов, бројот на учесници е значително поголем во споредба со лани.

„Во Берлин ќе нѐ има околу 10 илјади. Не само мотоциклисти, некои луѓе патуваат со автомобил со семејството“, објаснува Строгов.

Лидерот на бајкерите Александар Залдостанов-Хирург објасни дека целта на дефилето не е само да се помине по европските патишта.

„Нашата главна цел е да ги посетиме гробовите на советските војници. Затоа што тоа директно се однесува на секој од нас. Меѓу нас има многу луѓе чии дедовци во минатото се бореле и го поминале овој пат“, заклучи Залдостанов.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња