Ѓорѓе Иванов во Москва ќе прими награда за заштита на православието

На претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во мај ќе му биде врачена награда за афирмирање и промовирање на христијанските вредности.

Фондот за единство на православните народи (ФЕПН) во мај свечено ќе му ја врачи на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов наградата „Патријарх Алексеј II“ која секоја година се доделува за афирмирање и промовирање на христијанските вредности во општеството, соопшти прес-службата на фондот.

Претходно фондот ја објави информацијата дека други лауреати на оваа награда за 2016 година се градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин и поглаварот на Коптската црква на Египет Тавадрос II, кој ја носи титулата папа Александриски и патријарх на престолот на Св. Марко во Африка и на Блискиот Исток.

Наградите на фондот секоја година им се доделуваат на шефови на држави, влади и парламенти, општествени лидери и културни дејци за нивниот придонес во зајакнувањето на духовните, економските и политичките врски на државите кои историски се формирани во контекст на православната традиција, пренесува РИА „Новости“.

Наградата на македонскиот претседател ќе му биде врачена од страна на Патријархот Московски и на цела Русија Кирил на 23 мај во Храмот „Христос Спасител “ во Москва.

Како што истакнаа од кабинетот на шефот на македонската држава, „престижната меѓународна награда со која ќе биде награден претсеателот Иванов, претставува признание за неговиот придонес во зајакнувањето на меѓуправославните односи, улогата на религијата во општеството, како и за зачувување на верската толеранција“, пренесува ТАСС.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.