Денес се отвара „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва

Македонска-руската стопанска комора во соработка со Евроазискиот деловен сојуз и со поддршка на амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација и руската компанија „Македонски дом“ денес свечено ќе го отвори „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва.

Десет македонски компании од прехранбената индустрија се првите кои ќе ги изложат и стационираат своите производи во главниот град на Руската Федерација

Вино и други жестоки пијалоци, сирење и кашкавал, кондиторски производи, тестенини, конзервиран и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи „Made in Macedonia“ ќе бидат изложени во огромниот деловен центар кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер „Фуд сити“ и на тој начин ќе им бидат на дофат на руските трговци и граѓани. На тој начин за прва пат се реализира долгогодишната идеа македонските стоки да бидат лоцирани на самото место во Москва и на тој начин веднаш да бидат достапни за пласман на овој пазар, се вели во соопштението на Македонска-руската стопанска комора.

На свеченото отварање ќе присуствуваат бизнисмени и менаџери на македонските компании „Тиквеш“ од Кавадарци, „Здравје Радово“, „Далвина“ од Струмица, „Попова кула“ од Демир Капија, „Вори“ од Гевгелија, „Агромакс“ од Берово и „Гранд Фуд Корпоратион“, „Кадино“, „Горска“, „Свислион“ од Скопје, како и деловни луѓе и претставници на бизнис асоцијации од Москва и Евроазискиот деловен сојуз.

„За какви можности за македонските компании се работи најдобро зборуваат податоците дека во московскиот „Фуд сити“ годишно се прави обрт од 1,8 милиони тони прехранбени производи или 5000 тони дневно. Во овој деловен комплекс се стационирани деловни центри и претставништва на 36 земји од светот и 80 од руските региони. За сите нив сега ќе станат видливи и македонските производи. Значајно е што македонските компании ќе имаат можност да пронајдат и купувачи од земјите од Евроазиската унија, односно од Белорусија, Ерменија, Киргистан и Казакстан“, изјави Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.

Македонската бизнис-делегација при престојот во Руската Федерација ќе има прием и во Московската стопанска комора и ќе присуствува на потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Македонска-руската стопанска комора и деловната асоцијација од Москва, која има 3500 членки.

Република Македонија и Руската Федерација лани оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари. Од тоа, македонскиот извоз изнесувал близу 48,9 милиони долари и забележал раст од 39,5 отсто во однос на претходната 2015 година. Македонска-руската стопанска комора очекува годинава македонскиот извоз да продолжи со интензивен раст и во таа функција е и отворањето на „Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња