Могерини: На Европа не ѝ одговара слаба Русија

Европската унија не е заинтересирана за ослабување на Русија, уверува шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ таа изрази сомневање во однос на реалната сила на Русија во услови на економската криза од која беше зафатена земјата.

„Нејзините внатрешни проблеми се добро скриени со динамична воена и меѓународна политика. Европа нема интерес Русија да биде во криза или ослабена“, одговори таа на прашањето за односите на ЕУ и Москва во светлината на руските успеси во Сирија и зближувањето со новата американската администрација.

Притоа Могерини ја истакна загриженоста од заострувањето на ситуацијата на истокот на Украина поради тоа што таму „продолжува кршењето на принципот според кој границите не можат да се нарушуваат со помош на сила“.

Покрај тоа, шефицата на европската дипломатија изразува сомнеж дека позициите на претседателите на Русија и на САД се совпаѓаат по прашањата за регулирањето на ситуациите на Блискиот Исток и во Авганистан.

Притоа, според неа, Европа и Русија одлично соработувале и продолжуваат да соработуваат во многу меѓународни прашања, вклучувајќи го и прашањето на иранската нуклеарна програма, пренесува РИА „Новости“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.