„Дојче Банк“ ќе им плати казна на САД за перење пари од Русија

Властите на САД ја казнија „Дојче Банк“ со 425 милиони долари за прекршоци при тргување со руски акции од 2011 до 2015 година.

Уште 200 милиони долари банката треба да му плати на британскиот регулатор Еф-Си-Еј (FCA), соопштува агенцијата „Ројтерс“.

Финансискиот регулатор на американската држава Њујорк (NYSDFS) ја обвини банката за „перење пари“ по пат на „огледални трансакции“ кои наводно овозможиле извлекување на 10 милијарди долари од Русија.

Според податоците на NYSDFS, банката купувала акции во Москва за рубли, а структури поврзани со банката ги препродавале истите акции на Лондонската берза. Клирингот на операцијата се вршел преку Њујорк, што им овозможи на финансиските власти на таа сојузна американска држава да се вмешаат во случајот.

Од гледна точка на регулаторот, зделките се вршеле на „небезбеден и несоодветен начин“ и ги нарушувале банкарските закони на земјата. Од „Дојче Банк“ објаснуваат дека не успеале да ја определат целта на наведените операции.

NYSDFS смета дека купувачите и продавачите на акциите „секогаш биле тесно поврзани“: често правните лица кои ги вршеле операциите биле истите корисници, менаџмент или агенти. Од гледна точка на регулаторот, таквите зделки претставуваат перење на пари.

Прекршоците се состојат во тоа што банката не имплементирала ефикасен систем за борба против перење пари, а службениците не гледале критички на трансакциите. Покрај тоа, финансискиот регулатор на Њујорк тврди дека „Дојче Банк“ „не успеала прецизно да ги процени ризиците за земјата и клиентите од перење пари“, пренесува РИА „Новости“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.