Русија му ја продолжи дозволата за престој на Сноуден до 2020 година

Едвард Сноуден, поранешен припадник на американските специјални служби, кој веќе неколку години се наоѓа во Русија, доби од руските власти продолжување на дозволата за престој до 2020 година.

Како што соопшти портпаролот на руското МНР Марија Захарова за медиумите, дозволата за престој на Едвард Сноуден е продолжена до 2020 година. Претходно на својата страница на „Фејсбук“ таа напиша дека дозволата за престој на Сноуден „беше продолжена за две-три години“.

Поранешниот припадник на Агенцијата за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден во јуни 2013 година на новинарите им предаде информации за следењето на американските и британските разузнавачки служби. Поради скандалот во врска со тоа, Сноуден избега од САД преку Хонг Конг во Москва. Во Русија поранешниот припадник на НСА најпрвин доби привремен азил, а потоа дозвола за престој.

На својата објава на „Фејсбук“ Захарова го критикуваше предлогот на поранешниот заменик-шеф на ЦИА Мајкл Морел, кој 15 јануари напиша во колумна дека испорачувањето на Сноуден на САД би бил „прекрасен подарок“ од рускиот лидер Владимир Путин за инаугурацијата на Доналд Трамп.

Според мислењето на Захарова, предлогот на поранешниот заменик-директор на ЦИА е во суштина „идеологија на предавство“.

На предлогот на Морел се одѕва и рускиот адвокат на Сноуден Анатолиј Кучерена. Тој изјави дека амбасадата на САД сакала да го испрати Сноуден во САД како багаж.  „На  почетокот, веднаш штом Едвард Сноуден се најде во Русија, и штом станав негов адвокат, од мојата канцеларија практично не излегуваа претставниците на амбасадата на САД, кои ни нудеа да го пријавиме како некаков багаж, да го завиткаме во лентичка и да го испратиме во САД“, го цитира адвокатот агенцијата РИА „Новости“.

Претходно, во првата половина на јануари, бројот на потписи на петицијата на платформата pardonsnowden.org, која го повикува претседателот на САД Барак Обама да го помилува Сноуден, надмина еден милион. Сноуден им се заблагодари на своите поддржувачи, истакнувајќи дека „ова не е крајот на битката, туку само почеток на движењето“.

Белата куќа, меѓутоа, изјави дека поранешниот припадник на НСА не ги доставил потребните документи за помилување. 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња