МНР РФ: Со новите санкции администрацијата на Обама им наштетува на САД

Министерството за надворешни работи на Русија реагира на последните антируски санкции од САД.

Со воведувањето на новите антируски санкции администрацијата на претседателот Обама ѝ наштетува на својата земја, се вели во коментарот на МНР РФ.

„Последното – второ за три дена – проширување на американските санкции против Русија, кога крвавите напади во Анкара и Берлин, изгледа, треба да ги сплотат разумните луѓе во спротивставувањето на терористичката закана, сигнализира за целосна загуба во Вашингтон на чувството за реалност“, се вели во документот што го пренесува РИА „Новости“.

Последниве години администрацијата на Барак Обама толку пасионирано бараше начини да ѝ нанесе штета на Русија, што поинаку и не се очекуваше од неа, потенцира рускиот дипломатски ресор. Толку непромислените чекори им штетат и на самите САД, чиј имиџ паѓа дури и во очите на оние кои се далеку од политиката, се истакнува во изјавата.

САД во петокот додадоа 23 руски компании на списокот со санкции поради Украина. На листата се најдоа пристаништата и пругите на Крим, руски истражувачки институти и претпријатија. Истиот ден американското Министерство за финансии во рамките на важечките санкции на САД против Сирија воведоа санкции против низа раководители на руската банка „Темпбанк“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња