Поранешниот советски претседател Михаил Горбачов допушта можност за повторна појава во границите на поранешниот Советски Сојуз на нова сојузна држава.
„Советски Сојуз не, а Сојуз - да. Сметам дека може да има нов Сојуз“, изјави тој во интервјуто за ТАСС, посветено на 25-годишнината од распадот на СССР. „Во старите граници и со ист состав, доброволно...“, прецизираше тој.
Горбачов исто така објасни и зошто не се обиде да ги уапси претседателот на Русија Борис Елцин, претседателот на Белорусија Станислав Шушкевич и лидерот на Украина Леонид Кравчук по потпишувањето на таканаречениот „Беловешки договор“. Поранешниот претседател на СССР посочи дека апсењето на републичките лидери можело да се претвори во граѓанска војна. „Мислам дека мирисаше на граѓанска војна. Тоа е опасно. Јас направив нешто друго – им ја дадов власта, си заминав за да избегнам крвопролевање“, рече тој.
Според поранешниот советски лидер, факторите кои го забрзаа падот на Советскиот Сојуз беа пучот во август 1991 година и карактерот на првиот руски претседател Борис Елцин.
„Мислам дека најсериозните, од големи размери, последици дојдоа по пучот“, претпоставува тој. Истакнувајќи дека го бранел Сојузот „до крај“, Горбачов не бега и од својот дел на одговорноста за тоа што се случи. „Требаше да се борам со таа глутница (највисоката советска бирократија која го формираше Државниот комитет за вонредни состојби и кој се обиде да го отстрани Горбачов од власта во август 1991 година), поинаку не можам да ги наречам“, смета тој.
Горбачов, исто така, тврди дека видел манифестации на „властољубие“ од Борис Елцин уште кога бил негов партиски лидер. „Тој многу се нервираше и беше многу незадоволен, оттука и сите негови протести дека не е член на Политбирото...“, изјави поранешниот советски лидер, кој беше на чело и на КПСС. Според него, Елцин едноставно „не разбра дека неговата улога е важна, но таа не беше во она што тој почна да го прави, а тој почна едноставно да се бори со Сојузниот центар“.
На 8 декември 8 1991 година лидерите на Русија, Украина и Белорусија, Борис Елцин, Леонид Кравчук и Станислав Шушкевич потпишаа договор во Беловешката шума со кој СССР престана да постои, и го прогласија основањето на Заедницата на независни држави. На 25 декември 1991 година Михаил Горбачов објави дека дава оставка на функцијата претседател на СССР.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче