МНР РФ: Подготвени да соработуваме со партнерите за Сирија, меѓу нив и САД

Во коментарот на МНР РФ се истакнува дека Русија го обезбедила исполнувањето на режимот на прекин на борбените дејствија од страна на сириската влада, додека САД не успеаја да го гарантираат почитувањето на примирјето од страна на вооружените групи.

Москва е подготвена да соработува со партнерите, вклучувајќи ги и САД, за сите аспекти за регулирање на сириската криза, се вели во коментарот на постојаното претставништво на Русија во ООН и другите меѓународни организации во Женева објавен на сајтот на Министерството за надворешни работи на РФ.

„Меѓутоа таквата соработка може да се врши исклучително врз основа на рамноправност и со почитување на принципите на одговорен однос спрема своите обврски“, се вели во соопштението.

Во коментарот се истакнува дека Русија го обезбедила исполнувањето на режимот на прекин на борбените дејствија од страна на сириската влада, додека САД не успеаја да го гарантираат почитувањето на примирјето од страна на вооружените групи.

На списокот со учесници во примирјето, кој Вашингтон ѝ го предаде на руската страна, се наоѓаат и групи кои војуваат во состав на терористичките организации „Исламска држава“ и „Џебхат ан Нусра“. „Присуството на бандитите од „Ахрар аш Шам“ и „Нур ад Дин аз Зинки“ во принцип го дискредитира американскиот список“, истакнува постојаното претставништво.

Притоа антируската кампања во медиумите, која се обидува „да ја издвои нашата земја како „извор“ на речиси сите неволји што се случуваат во Сирија“, е насочена кон прикривање на вистинските виновници за неуспехот на прекинот на огнот и вистинските причини за неисполнување на руско-американскиот договор за Сирија, се вели во коментарот што го пренесува РИА „Новости“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња